Connect with us

Скопје

Мицкоски: 250 дечиња од Шуто Оризари добиваат свое место во новата детска градинка „8 Април“

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, амбасадорите на Норвешка и на Швајцарија, Кристин Мелсом и  Кристоф Сомер, денеска ја пуштија во употреба новата детска градинка „8 Април“ во Шуто Оризари, со капацитет за згрижување на 250 дечиња.

– Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата кои што тука ќе можат да ги поминуваат своето детство, најубавите денови во својот живот. Ние како Влада, како што веќе слушнавте и од страна на претставниците на меѓународната заедница, почитуваните амбасадори, во најскоро време ќе дадеме согласност за вработување кадар и на тој начин сето она што е инвестирано и направено ќе биде ставено во функција, истакна Мицкоски. 

Тој изрази задоволство што повеќе нема да има листа на чекање во Општина Шуто Оризари, односно капацитетите ќе бидат целосно исполнети, а до крајот на мандатот дека ќе нема листа на чекање во цела држава. 

– Нашата цел е до крајот на мандатот да немаме воопшто листа на чекање низ сите општини во државата. Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња кои што ќе бидат на листа на чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но се зависи од динамиката на изградба на објектите, подвлече Мицкоски.

Им се заблагодари на амбасадорите на Норвешка и на Швајцарија за помошта за реализација на проектот, како и на градоначалникот и на Советот на Општина Шуто Оризари.

– Ќе можат родителите да ги остават тука дечињата, ќе имаме кадар кој што ќе се грижи за нивното детство и за периодот од денот кога тие ќе престојуваат токму во оваа градинка, рече премиерот.