Connect with us

Скопје

Филмска работилница за основци – од потенцијален извор на дигитално насилство паметните телефони да станат моќна уметничка алатка за социјални промени

Во организација на МФФ Киненова и Општина Кисела Вода, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ беше одржана  тридневна филмска работилница за основци „Снимај паметно, остави трага“, под менторство на режисерката Марија Џиџева. Работилницата беше фокусирана на насилството меѓу децата и младите, со акцент на булингот и сајбербулингот – една од најчувствителните теми во современото општество.

Целта на проектот е паметните телефони на децата родени и израснати со технологија (т.н. алфа-генерација) да ги трансформира од потенцијален извор на дигитално насилство во моќна уметничка алатка за социјални промени.

-Ученици од осмо и деветто одделение низ интензивни лекции ги поминаа сите фази на филмското изразување: од генерирање идеја и пишување сценарио, преку снимање со мобилни телефони, па сè до финалната монтажа. Тие учат како да ги преточат своите лични соочувања со врсничкото насилство во филмски сценарија. Ова не е само едукација – ова е платформа каде што гласот на децата станува визуелна реалност, а возрасните се тука за да научат како децата го доживуваат светот денес, соопштија организаторите на работилницата.

Режисерката и менторка Џиџева истакна дека работилницата е наменета токму за децата кои секојдневно се изложени на технологијата што придонесува за алармантно зголемување на врсничкото насилство.

-Целта на овие кратки форми е тимски да создадеме филмови каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи и ќе им помогнеме на возрасните подобро да разберат како децата денес ги доживуваат булингот и сајбернасилството, рече Џиџева.

Проектот го поддржа Општина Кисела Вода. На прес-конференцијата по повод отворањето на 11. издание на фестивалската програма под мотото „На прво светло“, градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска искажа задоволство од соработката со фестивалот.

-Преку ова партнерство и ставањето во функција на нашите две киносали во Кисела Вода, директно придонесуваме за создавање услови за промоција на филмската уметност, им даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните, рече Стаменкоска-Трајкоска.

Кратките филмови што децата ги создадоа на тридневната работилница пред јавноста премиерно ќе бидат прикажани  на големото платно за време на претстојното издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, кој почнува на  14 октомври во киното „Фросина“.