Connect with us

Вести

Панел: Потребни се професионални судии и обвинители со интегритет и средина во која судијата ќе одлучува независно

Кривичниот законик е во подготовка, а највисока реализација има во реформите поврзани со судството и Обвинителството. Целта на подобрувањето на законските решенија е секој од граѓаните да се почувствува еднаков пред законите. Не се доволни само нови законски текстови. Потребни се професионални судии и обвинители со интегритет, функционални институции, соодветни ресурси, континуирана обука и, пред сè, институционална средина во која судијата може да одлучува независно, единствено врз основа на Уставот и законот – беше посочено на панелот „Правосудство и темелни права“ во рамките на 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за ЕУ во Македонија.

Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека во подготовка е новиот Кривичен законик. Тој рече дека работната група се сретнала пред неколку дена и се очекува во првата недела на октомври да се испрати за мислење по што институционално ќе биде доставен во понатамошните чекори на усвојување.  

На новинарско прашање за Изборниот законик, рече дека планира средби со сите претставници бидејќи тој се носи консензуално и мора да се воспостави дијалог и партнерство со сите претставници на политички партии и чинители што се значајни во тој процес. 

Дајанчо Ефтимов, државен секретар во Министерството за правда, на панелот „Правосудство и темелни права“ истакна дека во процес на изработување се клучни елементи важни за донесување законски решенија.

– Имаме доста клучни елементи што веќе се во процес на изработување или се изработени, чекаат на одобрување и донесување. Целта на подобрувањето на законските решенија е секој од граѓаните да се почувствува еднаков пред законите – посочи Ефтимов.

Истакна дека развојниот секторски план за правда 2024 – 2028 и акцискиот план се основата за тој процес и тие континуирано се ажурираат и врз основа на извештаите за анализа до каде сме со имплементација, во кој дел можеме да забрзаме, во кој дел можеме да се пофалиме дека напредуваме со добра динамика.  

​- Кога го анализираме извештајот до 30 јуни 2026 година, имаме веќе некаде над 59 отсто, односно речиси 60 проценти од реализација. И од овде можеме конкретно и да заклучиме во кој дел имаме заостанување, а во кој дел имаме добар напредок. На пример, највисока реализација имаме во реформите поврзани со судството и Обвинителството, каде што имаме над 79 отсто веќе реализација, што не можеме да кажеме кај зајакнувањето на капацитетите и ефикасноста на институциите и реализацијата, каде што имаме мало заостанување, меѓутоа овде можеме да дадеме дополнителен импут и енергија за да можеме да ги постигнеме тие проценти што се предвидени во развојниот секторски план и во акцискиот план, кои, потенцирам уште еднаш, се ажурираат и се анализираат и се следи нивната имплементација – посочи Ефтимов.  

​Тој потсети дека еден од законите што беше донесен изминатиов период, а секако веќе почнува и неговата имплементација, е Законот за Судскиот совет.

– Врз основа основа на препораките од оценската мисија од 2023 година, каде што имаше забелешки, и исто така во координација со Венециската комисија, беше донесен истиот закон, кој веќе е во сила и се применува, каде што имаше суштествени промени на законските одредби, кои го зацврстија статусот на самиот Судски совет, кој треба да се грижи и за интегритетот на целокупното судство, но да биде и коректив на сите оние аномалии со кои се соочуваме и критики кон функционирањето на целокупниот правосуден систем – рече Ефтимов. 

Тој посочи дека со донесувањето на овој закон се допрецизираа одредени одредби и правни празнини што постоеја во претходниот период, а со тоа ова придонесува и за целокупното функционирање на судовите во нашата земја.  

Александра Деаноска-Трендафилова, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, рече дека првенствено е битно ние да ги достигнеме стандардите поради квалитетот што треба да го почувствуваме директно како граѓани. Оцени дека за правосудството е особено важно што побргу да се распише оглас за нова генерација слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители.

Деановска-Трендафилова потсети и дека се укажува повеќекратно на штетните последици од измените на Кривичниот законик од 2023 година и повторно се споменува очекувањето дека новиот Кривичен законик, целосно нов, усогласен со сите меѓународни и европски стандарди, треба да се донесе што побргу.  

Оља Ристова, судијка во Апелацискиот суд, се осврна на реформите и промените што му се потребни на правосудството. Според неа, пред повторно да се измени еден закон, првин треба да се анализира како функционира постојниот – дали се применува, колку се применува, зошто одредени институти не се користат и кои се реалните пречки за нивната примена.

Според неа, по години реформски процеси, можеби најголемиот предизвик за македонското правосудство веќе не е како да напишеме подобар закон, туку како добриот закон да го претвориме во добра судска практика.

– За тоа не се доволни само нови законски текстови. Потребни се професионални судии и обвинители со интегритет, функционални институции, соодветни ресурси, континуирана обука и, пред сè, институционална средина во која судијата може да одлучува независно, единствено врз основа на Уставот, законот, доказите и сопственото судско убедување – истакна Ристова.

Вториот панел, посветен на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, се фокусира на безбедносните предизвици, институционалната координација и исполнувањето на европските стандарди во оваа област. Третиот панел беше посветен на антикорупцијата, со дискусија за ефективноста на институционалните механизми, превенцијата и борбата против корупцијата и потребата од доследно спроведување на реформите.