Вести
Јаневска за случајот со Дарко Василевски: МОН нема ингеренции за вработување специјалисти на Медицинскиот факултет, ДПИ ќе постапува ако се работи за избор во звање
Министерството за образование и наука (МОН) нема ингеренции за вработување специјалисти на Медицинскиот факултет, но Државниот просветен инспекторат (ДПИ) ќе постапува и ако се работи за избор во звање – рече денеска ресорната министерка Весна Јаневска.
Таа, како што изјави, е запознаена со случајот на лекарот Дарко Василевски, кој јавно обвини дека има наводни нерегуларности и фаворизирање при изборот на кандидати на јавниот оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Да, веќе сум запознаена. Така како што сум запознаена, ако се точни информациите што сум ги добила, станува збор за вработување, а не за избор во звање. Јас јавно побарав да се достави претставка до ДПИ, но и доколку станува збор за избор во звање, ДПИ ќе постапува. Во однос на вработување специјалисти на Медицинскиот факултет, МОН нема ингеренции – потенцира Јаневска одговорајќи на новинарско прашање пред обраќањето на настанот во ДСУРЦ „Партенија Зографски“ по повод 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик.
Според МОН, Државниот просветен инспекторат може да постапи доколку има избор во наставно-научно звање на факултет.
– Во случајот се работи за вработување доктор на Институтот и немаме ингеренции за постапување. Тука треба да постапи Државниот инспекторат за труд – велат од МОН.
Докторот и приватен специјализант Дарко Василевски деновиве јавно реагира за начинот и селекцијата при вработувањата на Медицинскиот факултет. Во знак на револт најави и штрајк со глад.
септември 23, 2026
