Connect with us

Вести

Тошковски: Запленети 680 килограми стебла канабис, одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата

Секторот за внатрешни работи Струмица спроведе успешна, подолготрајна оперативна акција, со која е спречено производство и пуштање во промет на поголема количина марихуана, а лицата директно инволвирани во процесот се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата – информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија за полициската акција во која се одземени 680 килограми стебла канабис.

​- Станува збор за акција што се работи во еден подолг период од страна на Секторот за внатрешни работи Струмица. Морам да им се заблагодарам на полициските службеници кои неколку дена спиеја на нива за на крајот да дојдат до овој резултат, кој на крајот ќе нè доведе до откривање кривично дело производство и пуштање во промет наркотични дроги. Станува збор за доста поголема количина марихуана, која била одгледувана на територија на СВР Струмица. За повеќе детали очекувајте информација од страна на Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден, а Јавното обвинителство, секако и судот, затоа што ова ќе биде постапка што ќе се спроведе итно од страна на јавното обвинителство, во согласност со информациите што ги имам. Ова е уште еден доказ дека Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност се посветени на максимално разкривање и соодветно процесирање секаков тип на кривични дела, особено кривични дела што се поврзани со пуштање во промет, производство на наркотични дроги – изјави Тошковски.

​Одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата досега немама сознанија за канабисот, министерот нагласи дека полицијата постапила веднаш по добивањето на оперативните сознанија.

​- Полицијата во моментот кога ги добила информациите постапила во согласност со нејзината надлежност и слободно можам да кажам дека во овој случај имаме една доста успешна акција која оперативно моментно е спроведена од страна на Секторот за внатрешни работи Струмица. Дрогата е детектирана, обезбедена, лицата што биле директно вклучени во рамките на процесот на производство и пуштање во промет се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Добро ќе беше во минатото да биле спроведувани повеќе вакви постапки, тогаш немаше да се соочуваме со оваа девијација во која сме. А реакцијата во конкретниот случај е апсолутно навремена и факт е дека таа дрога нема да заврши на нашите улици, нема да дозволиме да се најде во ничиј дом – рече Тошковски.

Претходно, МВР информира дека е откриена нелегална плантажа на канабис во Струмичко, при шти биле одземени 680 килограми стебла и од слобода биле лишени две лица

 СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против З. М. (34) и А. Т. Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради постоење основи н сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 од Кривичниот законик – соопшти МВР.

По претходен меѓусебен договор, во скриен дел од парцела на местото наречено Матник, во атарот на селото Секирник, Струмичко, пријавените ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла од растението канабис.

Врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица презеле повеќе службени дејства и посебни истражни мерки со техничка поддршка од полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток, при што биле обезбедени докази за поврзаност на пријавените во одгледувањето на засадените стебла канабис по што биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица.

Во службен разговор тие признале дека, по обезбедувањето семе од растението канабис, ја обработиле почвата и направиле нелегална плантажа, на која во мај 2026 година ги засадиле семињата и ги одгледувале растенијата со цел производство на марихуана.

– Од пријавените се одземени повеќе стебла со различна висина и вкупна тежина од речиси 680 килограми. По поднесувањето на кривичната пријава, З. М. и А. Т. Г. биле изведени пред судија на претходна постапка од Основниот суд Струмица – додаде МВР.