Connect with us

Вести

Новиот закон за рударство ќе го регулира експлоатирањето на македонскиот рубин

И постојните концесионери, но и други заинтересирани правни и физички лица ќе можат да го експлоатираат македонскиот рубин. Ова е предвидено со новиот Закон за рударство кој треба да биде изготвен до крајот на октомври годинава. Со законот, како што беше речено денеска на прес-конференција во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), до детали е регулирано на кој начин може да се експлоатира рубинот, кој може да го експлоатира и кој ќе врши контрола врз експлоатацијата. 

Засега македонскиот рубин никаде фактички не фигурира, туку се води како нус-појава од концесионирањето.

-Македонскиот рубин сега не постои, не е дефиниран никаде. Сè што се прави сега не е регулирано, затоа ние сакаме да го регулираме, а знаеме дека е во прилепскиот крај. Тие што имаат концесија за мермер, од таму е и рубунот. Тоа е сега сè што знаеме, но сакаме да го легализираме, формализираме и да имаме евиденција за количината, за начинот и кој сè го поседува. Затоа и го правиме ова, бидејќи досега не е ништо регулирано. Во елаборатот веќе e напишано колкави се количините што претпоставуваме дека ги има, објасни министерката Сања Божиновска, одговорајќи на новинарски прашања откако претходно ги презентираше активностите за заштита и презентација на македонскиот рубин. 

Според Филип Петровски, советник за геолошки истражувања и рударство во МЕРМС, во новиот Закон за рударство сè е предвидено.

-Само не сакам сега да зборувам додека не помине јавната расправа со заинтересираните страни, но до детали е регулирано на кој начин може да се експлоатира рубинот, кој може да го експлоатира и кој ќе врши контрола врз експлоатацијата. Со досегашното законско решение, Законот за минерални суровини, овој дел воопшто не е решен и не го третира како собирање или експлоатација на рубинот. Во новото законско решение што е во изработка се дефинира. Уште земаме светски искуства околу тоа. Минатата недела овде беа присутни независни европски експерти кои дадоа мислење за законот и дадоа одредени препораки. Законот за рударство во кој се регулира овој дел ќе биде готов до крајот на октомври, рече Филип Петровски, советник за геолошки истражувања и рударство во МЕРМС. 

Во средината на октомври, додаде, планирана е јавна дебата со концесионерите.

-До крајот на годината ќе биде комплетно решено законското решение и во овој дел што се однесува до експлоатацијата на рубинот. Ќе имаат можност и постоечките концесионери, но и други заинтересирани правни и физички лица да експлоатираат рубин, потенцира Петровски.

Цената, пак, на македонскиот рубин, се уште не е дефинирана.

-Нема цена по грам, ниту по карат. Она што го гледаме на YouTube дека таков рубин по карат вреди толку, овој нашиот не влегува зашто нема пазар за тоа. Ние тргнавме од тоа колку би требало готовиот производ да чини, да не е прескапо, да не е џабе, па потоа минус среброто, минус филигранот, на крај колку ќе остане за каменчето. Ја одев така ретроградно. Не знам, некое стотче, ќе видиме. Тоа беше основното, ние со години бараме од државата: „Ве молиме државо, обезбедете ни ја нашата суровина за да постоиме“, бидејќи за да се развива економски, треба бизнис план, треба да вработувате, треба да обучувате млади деца, а тоа не можете да го планирате ако немате основна суровина, тоа е сè. Малку повеќе, малку помалку, не е проблем, битно е да го имаме структурирано стратешки, стручно и сè ова ќе се филтрира, сите овие финеси кои ги прашувате, во текот на праксата, објасни Деан Шкартов – Деко, изработувач на накит и член на Комисијата за македонскиот рубин. 

Како голем познавач на драгите камења и соработник на МЕРМС за заштита и промоција на рубинот, Деко истакна дека целокупниот овој процес е вид културна матрица, надополнување на нашиот образовно-воспитен и културолошки систем.

-Ова е елемент на надополнување на недостатокот во нашиот образовно-воспитен систем и културолошки. Ова е културна матрица во која Македонија, освен што е добра  во ајвар, тавче-гравче, бурек, во срцето, во гостопримливоста, во прекрасната природа, во историјата и културата, сè тоа заедно се заокружува со уште еден маркер на македонската светска промоција – „види ги ти Македонциве, не се само арабаџии, туку брусат скапоцени камења“. Брусењето скапоцени камења секаде во историјата било ознака на престиж. Не бруси камења оној што нема решено основни прашања на егзистенција -тој што е гладен, жеден,… Ова е многу добар имиџ и нешто што во стручниот сектор секаде во светот е многу ретко – скапоцен камен да се бруси и да се претвора во финален производ на лице место, на територијата или државата каде што се наоѓа. Големо браво за стратегијата на поддршка на занаетчиството. Ова е и одличен пример на соработка на врвот на државата на една земја со базата, но и огромен поен и огромен историски исчекор напред во една сосема нова димензија во која не сме имале никакво искуство како земја, потенцира Деко.