Општини
Во велешката болница направени 30 операции на катаракта на очи за неполни два месеци
На Одделението за очни болести при Општата болница во Велес, операциите на катаракта започнаа на 28 јули оваа година. Досега се успешно оперирани 30 пациенти со примена на PHACO методата и вградување на интраокуларни леќи.
Како што информира д-р Ана Марија Џунџева, портпарол на Јавната здравствена установа Општа болница Велес, за пациентите кои имаат потреба од ваква интервенција, процесот започнува со закажување преглед преку матичен лекар кај офталмолог преку системот „Мој термин“.
Таа појаснува дека по извршениот офталмолошки преглед и потврдување на дијагнозата, се спроведуваат дополнителни испитувања, меѓу кои преглед на очното дно, мерење на очниот притисок, ехографија на окото и други испитувања согласно проценката на лекарот.
Додава дека по комплетирањето на потребната предоперативна подготовка, во договор со ординирачкиот лекар се закажува оперативниот зафат. Операциите ги изведува прим. д-р Бисера Велковска од Универзитетската клиника за очни болести, и тие најчесто се организираат за време на викендите.
Инаку во текот на еден оперативен викенд најчесто се изведуваат од четири до шест операции. Пациентите се примаат во утринските часови, интервенцијата се изведува во текот на денот, а доколку постоперативниот тек е уреден, тие се отпуштаат истиот ден.
Вп ЈЗУ Општа болница планираат до крајот на годината да се реализираат околу 100 операции на катаракта кај пациентите на кои им е потребен ваков зафат.
септември 21, 2026
