Connect with us

Живот

Во Велика Британија пријавени повеќе од 150 смртни случаи кои можеби се поврзани со инекции за слабеење

Во Велика Британија пријавени 216 смртни случаи поврзани со три активни состојки на лекови за слабеење и дијабетес

Повеќе од 200 смртни случаи се пријавени кај британскиот регулатор поради сомнеж дека можеби се поврзани со лекови од групата GLP-1, кои се користат за слабеење и лекување на дијабетес. Британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA) нагласува дека самите пријави не докажуваат дека лековите ја предизвикале смртта.

Податоците од системот „Yellow Card“ покажуваат и повеќе од 158.000 пријавени сомнежи за несакани дејства и други несакани реакции поврзани со овие лекови. Пријавите можат да ги поднесат пациенти, членови на нивните семејства и здравствени работници.

Од MHRA појаснуваат дека пријавата само значи оти лицето кое го пријавило случајот се посомневало дека лекот можеби е поврзан со реакцијата или смртниот исход, но не претставува доказ за причинско-последична врска.

Најмногу пријави се однесуваат на тирзепатид, активната состојка на лекот „Mounjaro“ – 106.189 сомнежи за несакани реакции и 120 смртни случаи.

За семаглутид, кој се користи во лековите „Wegovy“, „Ozempic“ и „Rybelsus“, биле пријавени 48.089 несакани реакции и 59 смртни случаи.

Кај лираглутидот, кој за слабеење се продава како „Saxenda“, биле евидентирани 4.491 пријава за можни несакани реакции и 37 смртни случаи.

Вкупно, за трите активни состојки се пријавени 216 смртни случаи, но тоа не значи дека лековите биле причина за смртта во сите случаи.

Голем дел од пријавените несакани реакции се однесуваат на проблеми со дигестивниот систем. Кај тирзепатидот има повеќе од 65.000 такви пријави, а кај семаглутидот речиси 29.000. Пријавени се и нарушувања на нервниот систем, додека кај тирзепатидот повеќе од 2.000 пријави се однесувале на психијатриски нарушувања.

Меѓу почестите несакани дејства на GLP-1 лековите се мачнина, повраќање, дијареја и запек. MHRA претходно годинава дополнително ги засили предупредувањата за ризикот од акутен панкреатитис, вклучително и ретки тешки и смртоносни случаи.

„Како и кај сите лекови, безбедноста на GLP-1 лековите постојано се следи, вклучително и преку нови сознанија од спонтани пријави и научни публикации“, соопшти портпарол на MHRA.

Регулаторот наведува дека пациентите и здравствените работници ќе бидат информирани доколку се утврдат нови безбедносни ризици. Според моментално достапните докази, придобивките од GLP-1 лековите ги надминуваат можните ризици кога се користат согласно одобрените индикации.