Connect with us

Регион

Андрулакис: Целта на ПАСОК е да биде победник на изборите за да има вистинска политичка промена во Грција

Целта на ПАСОК е да биде прва партија за да произлезе вистинска политичка промена. Не водиме битка за власт, туку водиме битка за политичка промена, за промена на културата на владеење, порача лидерот на грчката опозициска ПАСОК Никос Андрулакис на денешната прес-конференција на маргините на Меѓународниот саем во Солун и уште еднаш ги отфрли сценаријата за постизборна соработка со Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

На Меѓународниот саем, традиционално на отворањето говори премиерот на Грција и ден подоцна е неговата прес-конференција, а пред затворањето говор и прес-конференција одржува лидерот на главната опозициска партија.

Минатиот викенд грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја претстави владината програма и одговараше на прашањата на новинарите, додека пак вчера својата програма ја презентираше Андрулакис, а претпладнево ја одржа и прес-конференцијата на која три часа говореше за позициите на ПАСОК за низа теми.

Претседателот на социјалистичката партија вчера ја презентираше владината програма, доколку ПАСОК дојде на власт на изборите што ќе се одржат напролет, меѓу мерките се и постепено враќање на 13-та плата за државните службеници и 13-та пензија за пензионерите, промени во даночната политика, мерки за демографското и станбеното прашање, додека пак на денешната прес-конференција рече дека станува збор за севкупен план со пресметани мерки.

Неколку пати посочи дека на земјата и треба „храбра политичка промена“, пораз на актуелната власт, што ќе ја направи Грција „нормална европска земја што ги почитува своите граѓани“, а ПАСОК, според него, има севкупна програма за да ја преземе власта, истакнувајќи дека народот го има последниот збор.

Објасни дека според изборниот законик, ако целта е политичка промена, тогаш единствената опција е победа на изборите, бидејќи без првопласираната партија не може да постои Влада.

Во однос на евентуална коалиција со Нова демократија, уште еднаш ја отфрли можноста за постизборна соработка и нагласи дека во ПАСОК највисокиот орган е конгресот на кој постои едногласна одлука за стратегијата што се води и овие одлуки и не се менуваат.

– Каква влада ќе има, нема да одлучиме ние денес, туку ќе одлучи грчкиот народ со својот глас. ПАСОК има една обврска: да претстави програма на одговорност, напредок, доследност и перспектива. Тоа го направивме и очекуваме граѓаните да ни ја дадат довербата. Доколку ни укажат доверба, ќе има влада која нема да биде потоната во неверодостојност, корупција и ароганција, рече претседателот на ПАСОК

На новинарско прашање за Договорот од Преспа потсети на позицијата на партијата дека не го поддржа „бидејќи постоеа конкретни недостатоци што се однесуваа на националноста и јазикот“, додавајќи дека „позицијата на ПАСОК е дека овој договор треба да биде ерга омнес со географска одредница за секоја област“, рече дека ова не се случи и затоа не гласаа „за“.

Во однос на Западен Балкан рече дека „не се доволни само парите и инфраструктурата, туку и владеењето на правото, функционирањето на државата и човековите права се многу важни фактори за Западен Балкан да се приближи до европскиот вредносен кодекс, а не да се приближува до вредносниот кодекс на трети земји“ кои, како што рече, „немаат никаква врска со нашите принципи и нашите вредности во однос на владеењето на правото, квалитетот на демократијата и почитувањето на човековите права“.

За односите со Турција рече дека потребна е нова национална стратегија и посочи дека Грција треба да биде протагонист во една нова европска политика кон Турција.

Говорејќи за Европа, нагласи дека „треба да се стекне со европска армија, заедничка одбрана и заедничка надворешна политика.

Според последните истражувања на јавното мислење во Грција, Нова демократија е стабилна на првата позиција, втора е партијата ЕЛАС на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, а ПАСОК е на третата позиција.

Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на пролет следната година, на крајот од четиригодишниот мандат на владејачката Нова демократија.