Connect with us

Регион

Мицотакис до Турција: Не се закануваме никому, но и не прифаќаме закани од никој

Порака дека Грција се стреми кон дијалог, пријателски и добрососедски односи со Турција, во рамките на меѓународното и морското право, но и дека не прифаќа закани и е подготвена да ги брани националниот интегритет и суверенитет, упати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од малиот остров Кастелоризо, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис, од петокот попладне е во посета на Кастелоризо по повод 83-годишнината од ослободувањето на островот, што се наоѓа на околу два километри од југозападниот брег на Турција и има нешто помалку од 600 жители.

Во неговиот говор претпладнево рече дека токму од „грчкиот и европскиот бедем“, сака повторно да им упата порака на соседите дека Грција се стреми кон „пријателски односи, без тензии и без провокации, со цврста посветеност на меѓународното право и на правото на морето“.

– Сепак, ќе нагласам дека нашата разумност не треба да се толкува како слабост. Вие, впрочем, тоа го знаете подобро од кој било, живеејќи секојдневно толку блиску до земја со која самата географија сакаше да коегзистираме. Не му се закануваме никому, но не прифаќаме закани и наметнувања од никого. Подготвени сме да ги браниме нашиот национален интегритет и нашите суверени права, но дијалогот, ќе повторам уште еднаш, претставува избор што произлегува од самодовербата и од вербата во меѓународното право, порача Мицотакис говорејќи од Кастелоризо.

Посочи дека најисточниот дел на земјата, каде што „границите на Грција се совпаѓаат со границите на Европа“, островот што „истовремено е грчка и европска територија“, претставува симболично место од кое може да се изрази намерата за „иднина со мир, со затворени врати за сите ревизионистички аспирации, но и со отворен пат кон заемно почитување и меѓународна законитост“.

Паралелно презентираше и мерки за поддршка на островот, насочени, како што рече не само за жителите, туку и за да убедат повеќе граѓани „Кастелоризо да го направат свое постојано место на живеење“.

Вработените во сите јавни служби, безбедносните сили и припадниците на армијата кои служат таму ќе добијат постојан годишен финансиски стимуланс од 5.000 евра, а исто толку ќе добијат и оние домаќинства, кои ќе решат да се преселат на островот, износ што е ослободен од данок, а се зголемува за 1.000 евра за секое малолетно дете, под единствен услов е да останат на Кастелоризо најмалку една цела година.

За оние кои веќе живеат на островот, помошта, ќе биде исплатена на почетокот на 2027 година, а за новите жители, исплатата ќе започне од 2028 година и ќе продолжи секоја следна година.

Дополнително, Мицотакис соопшти дека ќе се зајакне поврзаноста на островот со континентална Грција и со Додеканезите, преку дополнителна бродска линија.