Живот
Археолози открија древна гробница во Перу
Археолози ископаа прастара гробница во северен Перу во којашто се пронајдени посмртни останки на најмалку 38 лица, како и артефакти од бакар и злато, соопшти тамошното Министерство за култура.
Заедничката гробница е откриена пред неколку недели во Чан Чан – древен претколумбиски град близу градот Трухиљо, на околу 500 километри северно од Лима. Се проценува дека гробницата е постара од 600 години. Внатре се пронајдени разни предмети, на пр. метално оружје што ѝ припаѓало на народот Чиму, која цветала на северниот брег на Перу меѓу 900 и 1470 година од нашата ера. Археологот Хорхе Менесес го опиша откритието како „исклучително важно за перуанската археологија“, бидејќи ќе овозможи подобро разбирање на погребните обичаи на тогашното население.
- Имаме можност да ги проучуваме луѓето и предметите токму онака како што биле поставени на оваа погребна платформа пред речиси 600 години, изјави Менесес.
На наоѓалиштето се откриени и околу 200 садови од црна ќерамика украсени со црвени нијанси.
На домородниот јазик, името Чан Чан значи „сјајно Сонце“. Тоа било главен град на Кралството Чиму, каде што припадниците на владејачката класа биле погребувани на платформи во рамките на поголеми архитектонски комплекси. Културата Чиму се развивала до средината на 15-тиот век, кога била освоена од Царството на Инките.
септември 10, 2026
