Живот
Костариканец, со своите 119 години, бара потврда дека е најстариот човек во светот
Хозе Флорес од Костарика би сакал – заедно со своето семејство, да добие потврда дека тој е највозрасниот човек во светот. Неговото семејство и официјалните документи наведуваат дека тој има 119 години, што би го направило најстар човек во светот, иако за меѓународната потврда за датумот на неговото раѓање сè уште се чека додека експертите ги разгледуваат записите, објави „Вашингтон пост“.
Според неговата лична карта, Флорес е роден на 11 јули 1907 година. Сардинал, каде што тој живее, е мало место на полуостровот Никоја, еден од петте области во светот познати како „сини зони“, каде што луѓето генерално живеат подолго и поздраво, па имаат поголеми шанси да доживеат 100 години
Жителите својата долговечност ѝ ја припишуваат на водата богата со калциум и магнезиум, исхраната богата со пченка и грав, физичката работа и силните семејни и општествени врски. Хелен Флорес, внуката и негувателка на Флорес, изјави дека нејзиниот дедо – кој целиот свој живот работел на село, и сега живее „мирно и среќно“. Одвреме-навреме, тој се присетува на настани од својот живот, раскажува шеги и вели дека семејството е една од тајните на неговата долговечност.
– Без љубов, без наклонетост и без грижа, тој немаше да биде овде денес, вели таа.
Според Хорхе Виндас, основач на Здружението „Сина зона“ за полуостровот Никоја, коешто ја проучува долговечноста во таа област, постојат и други фактори што помагаат да се објаснат случаите на долговечност како оној на Флорес.
– Флорес имал осум деца, а денес има 23 внуци, 25 правнуци и една праправнука. Семејните и општествените врски се на прво место, заедно со духовноста и силната вера на овие луѓе, кои се многу физички активни, рече Виндас.
Тој додаде дека тие се хранат здраво и водат мирен живот со малку стрес. Зборувајќи за процесот на потврдување, Виндас рече дека здружението поседува историски документи коишто треба да бидат потврдени од меѓународни организации, вклучително и „Гинисовата книга на рекорди“.
– Имаме голем број документи, почнувајќи од неговиот извод од матичната книга на родените и записот за крштевање, па сè до документи од подоцнежниот период од неговиот живот – кога веќе бил татко и подоцна. Откако ќе се разгледа целата таа документација, се надеваме дека таа ќе биде потврдена и дека наскоро ќе имаме добри вести, додаде стручњакот.
Најстарата жива личност во светот, официјално, е Британката Етел Кетерхам. Таа е родена на 21 август 1909 година во Хемпшир, Англија, а оваа 2026 година наполни 117 години. Таа е прогласена за најстара жива личност во светот откако во април 2025 година почина бразилската калуѓерка Ина Канабаро Лукас.
септември 10, 2026
