Connect with us

Вести

Николовски: Царинската управа беспрекорно и жестоко ќе се бори против криминалот

Царинската управа беспрекорно и жестоко ќе се бори против криминалот во нашите редови и тоа го покажавме во овие 26 месеци, изјави денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со осомничениот помошник директор на таа институција кој неодамна беше уапсен заради примање мито.

Николовски најави жестока борба и санкционирање на сите вработени кои ќе бидат осомничени за криминални дела.

-На 14 април, на денот на Царината во мое обраќање, пратив порака до сите вработени во Царинската управа дека беспрекорно и жестоко ќе се бориме против криминалот во нашите редови и тоа го покажавме во овие 26 месеци од царинските службеници во најниските слоеви, а еве сега до еден од повисоките слоеви во Царината. Секој кој што работи и се осомничи дека работи криминални дела ќе биде жестоко санкциониран и во таа смисла еве ги доказите. Ние како Царинска управа ќе преземеме се што е потребно и во наша надлежност, меѓутоа оваа постапка ја води надлежното Обвинителство, полицијата го изврши апсењето и ние ќе чекаме комуникација и ќе преземеме мерки – рече Николовски.

Царинската управа денеска на граничниот премин Табановце го промовираше завршувањето на проектите реализирани во рамки на акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, со поддршка за трговијата“.

Со поддршката од Европската Унија се обезбедени специјализирана опрема и современи технолошки решенија за контрола и истраги, информатичка опрема и софтвер, како и нови специјализирани возила за мобилните царински тимови и К-9 единицата.