Регион
Во Црна Гора се предлага казна до 10 години затвор за величење осудени воени злосторници
Црна Гора би можела да воведе казна затвор од шест месеци до 10 години за јавно величење на осудени воени злосторници, доколку Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик предложени од Бошњачката партија (БП), која е дел од владејачката коалиција, објави црногорскиот весник „Вијести“.
Предлог-законот доаѓа по бурните реакции во јавноста по смртта на поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, кој почина на 27 август во затвор во Хаг, каде што издржуваше казна за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства. Младиќ по смртта беше јавно величан од поединечни црногорски политичари, како и од претставници на Српската православна црква.
Предложените измени предвидуваат основна казна од шест месеци до пет години затвор за секое јавно величење, хероизирање, оправдување или претставување како херој, ослободител, заштитник или морален авторитет на лице правосилно осудено за геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства од страна на црногорски или меѓународен суд. Како форми на величење се опфатени говори, објави на социјалните мрежи, аудиовизуелни материјали, фотографии, плакати, графити, песни, симболи, одбележување годишнини и организирање јавни собири.
Построги казни се предвидени доколку делото е извршено со отежителни околности:
Од една до осум години затвор доколку при величењето се употребени принуда или закани, е оштетен имот или се сквернавени споменици и гробови.
Од две до 10 години затвор доколку делото е извршено со злоупотреба на службената положба, е распространето преку медиумите и интернет-комуникациите, или довело до немири, насилство и нарушување на соживотот меѓу заедниците.
Во моментов, членот 370 од Кривичниот законик на Црна Гора предвидува до пет години затвор за јавно одобрување, негирање или омаловажување на геноцид и воени злосторства доколку тоа поттикнува насилство или омраза, но постојниот закон изречно не го санкционира величењето на самите сторители.
Останатите партии од владејачката коалиција сè уште се немаат изјаснето дали ќе го поддржат предлогот, додека опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) даде поддршка за дефинирање на вакво посебно кривично дело. Министерството за правда соопшти дека за дополнителните измени ќе бидат потребни консултации со посебна работна група и со Европската комисија.
Доколку ги изгласа измените, Црна Гора ќе стане втората земја во регионот, по Босна и Херцеговина, која изречно го забранила и казнила величењето на воените злосторници.
септември 11, 2026
