Connect with us

Ракомет

Вардар му гостува на Мелсунген во првото коло од ракометната Лига на шампиони

По петгодишна пауза, Вардар повторно ќе настапи во ракометната Лига на шампиони. Новата европска сезона за „црвено-црните“ почнува вечер со гостувањето кај германскиот Мелсунген.

Натпреварот ќе се одигра во салата во Касел, со почеток во 20:45 часот. Ова ќе биде првото коло од групата Б во новата сезона на најквалитетното европско клупско натпреварување.

Вардар и Мелсунген се соочија и минатата сезона, кога одиграа два меѓусебни натпревари во Европската лига. Сега следува нова пресметка, во различни околности и на повисоко натпреварувачко ниво.

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, очекува сосема поинаков натпревар и нагласува дека германскиот тим ќе треба да ја потврди фаворитската улога на теренот.

– Нормално е дека сега ќе биде различно. Ова е сосема друго натпреварување и друг дел од сезоната. Кога игравме против нив минатата сезона, тие веќе имаа доволно бодови, а во тој период имаа и многу повредени ракометари. Сега се комплетни, а станува збор и за отворање на Лигата на шампионите. Затоа очекувам сосема поинаков натпревар. Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација. Не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Го имаме тоа што го имаме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите. Во сегашниот состав нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Можеби само двајца или тројца имаат такво искуство, но не треба премногу да зборуваме за тоа. Мелсунген ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар, изјави Чупиќ.

Во досегашните четири меѓусебни натпревари, Вардар има три победи, германскиот тим славеше само еднаш.