Connect with us

Хроника

Битолската полиција санкционираше 77 возачи на мопеди, мотоцикли и електрични тротинети

Вкупно 77 прекршоци кај возачи на мопеди, мотоцикли и електрични тротинети биле констатирани во акциска контрола што вчера ја спроведе полицијата на подрачјето на СВР Битола.

Како што соопшти МВР, во периодот од 16 до 22 часот биле изречени 52 мерки кон возачи на мопеди и мотоцикли. Најголем дел од прекршоците, односно 33, се однесувале на некористење заштитен шлем, четири биле за управување под дејство на алкохол, пет за необновена полиса за осигурување, една за истечена сообраќајна дозвола и девет по други основи.

За време на контролата биле санкционирани и 25 лица кои управувале електрични тротинети. Од нив, 17 биле затекнати без заштитна кацига и рефлектирачки елек во ноќни услови, две лица управувале по несоодветна површина, едно лице било малолетно, а биле констатирани и уште пет други прекршоци.

Во акцијата биле откриени и осум кривични дела по член 297-а од Кривичниот законик, при што биле одземени осум моторни возила.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или во период кога им е изречена забрана за управување моторно возило.