Општини
Во Крива Паланка одбележани 35 години независна Македонија
Со полагање цвеќе на спомен-обележјето пред зградата на Општина Крива Паланка, денеска беше одбележан 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Пред присутните делегации и граѓани, градоначалникот Сашко Митовски истакна дека независноста е остварување на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода, достоинство и сопствена држава, но и голема обврска таа да се чува и развива со знаење, чесна работа и одговорност.
-Предците ни оставија држава за која вредеше да се борат. Наша обврска е на децата да им оставиме држава во која вреди да се живее, порача Митовски.
Тој нагласи дека македонската државност се темели врз идеалите на Илинден и АСНОМ и врз историската одлука на граѓаните од 8 Септември 1991 година.
Оддавајќи им почит на сите генерации што се бореле за Македонија, ја создавале и со својот труд продолжуваат да ја градат, рече: „Мојата Македонија започнува токму овде, во Крива Паланка. Ја градиме со секој реализиран проект, со секоја уредена улица, со секое подобро училиште и со секоја нова можност што ја создаваме за младите, истакна Митовски.
На свеченото одбележување присуствуваа бројни делегации од институции, организации и здруженија, претставници на Советот на Општина Крива Паланка, политички партии и граѓани, кои со положување цвеќе оддадоа почит кон историската одлука за независност и кон сите генерации вградени во темелите на македонската државност.
Меѓу учесниците беше и младиот полумаратонец Давид Величковски од Општина Ранковце, кој во чест на празникот и 35-годишнината од независноста истрча 21 километар, од Општина Ранковце до Општина Крива Паланка. По пристигнувањето, Величковски положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето, испраќајќи силна порака за почит кон татковината, истрајност и поврзување на двете општини.
септември 8, 2026
