Connect with us

Општини

Сојузот на борци го одбележа 8 Септември во Гостивар

Општинскиот одбор на Сојузот на борци со положување цвеќе на споменикот на паднатите борци во градскиот парк и пригоден собир, во Гостивар го одбележа Денот на независноста на Македонија.

За значењето на празникот, со осврт кон поновата историја периодот зборуваше и професорот по историја, Горан Павлоски. Тој во обраќањето се наврати на првите повеќепартиски избори кои се реализираа во есента 1990 година кога составен првиот македонски парламент.

– На 25 јануари 1991 година парламентот ја усвои Декларацијата за независност на Република Македонија, по што следуваше и одлуката за распишување референдум. Токму на 8-ми септември 1991 година беше спроведен референдумот за самостојна и суверена Република Македонија, на кој од вкупно излезените гласачи дури 95% се изјаснија за формирање самостојна држава, рече Павловски.

Тој потсети дека меѓународно правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181-ва полноправна членка на светската организација.

Првиот човек на општинскиот одбор на борци, Радослав Ѓиновски пред присутните на собирот кажа дека е обврска, задача и императив да се гради и доградува државата и општеството во целина. Тој упати и критика од локалната самоуправа и останатите институции кои не овозможиле, како што рече подостоинствено одбележување на празникот и дека годинава овој настан во Гостивар е единствен.

По оддавањето на едноминутна почит кон жртвите од НОБ на споменикот во градскиот парк букети цвеќе положија делегации на Одборот на борци и политичките партии ОК ВМРО-ДПМНЕ и ОО СДСМ.