Свет
Сејфрид нуди решение: Секој ден во САД од рак умираат 1.700 луѓе затоа што го третираме како генетска болест, а тоа е болест на митохондриите
Томас Сејфрид, професор по биологија на Бостонскиот колеџ и автор на повеќе од 150 научни труда објавени во рецензирани списанија, смета дека ракот е главно митохондрична метаболистичка, а не генетска болест. Тој тврди дека оштетувањето на митохондриите во клетките предизвикува нарушување на клеточниот енергетски метаболизам, што води до неконтролиран раст на клетките. Според него, секое живо суштество, без разлика дали е човек или животно, има предвиден животен век, а дали ќе го проживее, зависи од овие органели, односно дали тие ќе останат здрави. Тие, нагласува, ѝ кажуваат на клетката кога да се дели, кога да забави. Кога митохондријата е оштетена, таа тоа не може да го прави.
Потенцира дека главниот причинител на оштетувањето на митохондриите е модерниот начин на живеење, лошата исхрана, недоволната физичка активност, но и стресот, особено емоционалниот.
Сејфрид потенцира дека мутациите на гените се само последица, а не основната причина за настанување на туморите. Преку терапевтско постење и стриктна кетогена исхрана, според него, нивото на гликоза и глутамин во крвта може да се намали, со што рак-клетките остануваат без енергија. Застапник е и на третмани што го напаѓаат метаболизмот на туморот наместо само токсична хемотерапија и зрачење. Двете работи, нагласува, треба да бидат комплементарни.
Како се создава ракот
Сејфрид објаснува дека здравите клетки создаваат енергија со помош на кислород (дишење). Кај ракот митохондриите се оштетени и клетката се враќа на древен начин на преживување – ферментација (разградување без кислород, а за да ферментира, на ракот му се потребни исклучиво две клучни горива – гликоза (шеќер) и глутамин (аминокиселина).
– Кога зборуваме за рак, тоа значи дека имаме нарушен раст на клетките. Тоа е на крајот проблемот со кој се справуваме. Не можеме да контролираме како се делат овие клетки. Се обидуваме да ги уништиме со терапија, да ги зрачиме или хируршки да ги отстраниме. Се обидуваме да направиме сè за да го спречиме овој нерегулиран раст на клетките. Значи, кога ја гледаме оваа органела (н.з. митохондија, која е дел од клетката) под електронски микроскоп, откриваме дека таа е деформирана. Го имаме она што се нарекува митохондрии духови. Имате обвивка, но ништо внатре. Или ако се внатре, сите се деформирани. Значи, знаеме дека постои основен принцип во биологијата: структурата ја одредува функцијата. Ако структурата е абнормална, функцијата ќе биде абнормална. Ова им е познато на сите биолози, освен на онколозите. Се чини дека тие не го разбираат тоа – вели тој во поткасот Diary od a CEO.
Смета дека кога органелата е оштетена, нема да можете ефикасно да се произведува енергија преку оксидативна фосфорилација, односно кога тие веќе нема да може да ја создаваат потребната енергија по нормално предиведниот пат поради оштетувањето што во најголем дел е предизвикано од животниот стил. Производството и ефикасноста на енергијата ќе се променат, а тоа би можело да предизвика митохондријата да умре или да биде дисфункционална на некој начин.
Професорот нагласува дека кога се разговара за клетките на ракот, мора да се каже дека сите што биле разгледувани имаат имаат дефекти во бројот, структурата и функцијата на таа органела.
– Јас објавив голем труд со сознанија добиени по поминато повеќе од една година од моето време разгледувајќи ја древната – па раната литература за електронска микроскопија. Ги погледнав овие електронски микрографии на митохондрии кај разни видови рак и сите се оштетени. Или има малку од нив, но нивите внатрешни делови се исчезнати. Во цитоплазмата овие органели се исто така во контакт со други клеточни мембрани, како што е ендоплазматскиот ретикулум. Во клетката има многу од она што го нарекуваме органели. Имате јадро, имате митохондрија, имате лизозоми… постојат интимни контакти помеѓу некои од другите мембрани – мембрани поврзани со митохондријата, ги гледаме. И тие се исто така абнормални кога ги гледате под електронски микроскоп – вели Сејфрид.
Потенцира дека клетката расте неконтролирано поради оштетеноста на митохондрииите и неможноста за нормално снабдување со енергија.
– Првин таа ферментира. Тоа значи дека добива енергија од извори поинакви од оксидативната фосфорилација. Можете да земете клетка на рак и да ја третирате со цијанид или азид или во отсуство на кислород и сепак да живее. Таа сè уште расте бидејќи не го користи кислородот, туку се потпира на механизми независни од кислород, кои се нарекуваат ферментација. Кога има дефект во митохондриите, тоа значи дека повеќе не го користи својот кислороден пат колку што е потребно – вели тој во поткастот и додава дека наоѓа други начини да ја создаде енергијата, што е начин на кој преживува, но притоа го менува начинот на нејзината делба.
Причини за оштетување на митохондриите
Причини за уништување на митохондриите, според професорот, се карциногените, изложеноста на токсични материи, како бензен, азбест и тешки метали, вдишувањето штетни микрочестички и чад од цигари, како и хемикалиите од храната и амбалажите, кои дејствуваат како клеточни отрови.
Влијание има и лошата исхрана со премногу шеќер, затоа што, како што нагласува, хронично високите нивоа на гликоза го оптоваруваат клеточниот систем, но и рафинираните јаглехидрати и нездравите масти, кои предизвикуваат постојано воспаление во телото.
Митохондриите ги оштетуваат и рендгенските зраци, гама-зраците и нуклеарното зрачење. Не е мало ниту влијанието на хроничните воспаленија и инфекции, некои вируси, како ХПВ или хепатитис Б и Ц, кои ги напаѓаат и менуваат клетките, но и долготрајните инфекции со бактерии.
– Значаен фактор во оштетувањето и уништувањето се и стресот и хипоксијата, односно лошата циркулација или состојби при кои ткивата не добиваат доволно кислород – вели тој.
Додава дека разорен може да биде и постојаниот психолошки стрес, кој го менува метаболизмот на телото.
– Хроничниот стрес и лошиот сон го креваат нивото на кортизол. Кортизолот го принудува телото да ослободува повеќе гликоза во крвта, што директно го храни туморот – потенцира професорот Сејфрид.
Според него, стареењето и генетиката може да влијаат, но во многу поретки случаи, иако, како што вели, постои природно абење: односно природно опаѓање на ефикасноста на митохондриите. Смета дека во многу мал процент луѓето се раѓаат со дефекти во митохондријалните гени. Сејфрид го критикува фактот што официјалната онкологија троши милијарди на генетски истражувања. Според него, бидејќи постот и кетогената исхрана не може да се патентираат како скапи лекови, индустријата ги игнорира овие пристапи.
Како да се зголемат можностите за превенција на болестите, вклучително и ракот?
Клучно за превенција на сите системски и хронични заболувања, за какво го смета и ракот, според него, е да се одржуваат здрави митохондриите во клетките. Тоа, вели, е можно, преку терапевтски пост и чистење на клетките. Постењето (само на вода) во траење од неколку дена помага телото да ги уништи и исчисти старите оштетени митохондрии, а по овој процес, телото создава нови и многу поздрави митохондрии.
Нагласува дека е потребна кетогена исхрана со низок шеќер, намалување на внесувањето рафинирани јаглехидрати, слатки и газирани сокови, а да се внесуваат здрави масти преку маслиново масло, авокадо, јаткасти плодови и квалитетни масти, кои помагаат за создавање кетони, затоа што, според него, кетоните се чисто гориво за митохондриите.
Притоа Сејфрид предупредува дека нејзината примена може да биде погрешно разбрана, а во одредени ситуации и потенцијално ризична. Затоа, според него, потребно е внимателно разгледување на научните докази наместо поедноставени заклучоци.
Потребна е и редовна физичка активност, која ќе го зголеми кислородот бидејќи, смета Сејфрид, вежбањето (особено кардио и тренинзи со отпор) го зголемува протокот на кислород во ткивата, а мускулната активност го принудува телото природно да произведува повеќе митохондрии за да создаде повеќе енергија. Треба да се избегнуваат токсини и хемикалии, да се намали внесувањето на преработената храна полна со вештачки конзерванси и пестициди.
Намалување на стресот и добриот сон, вели професорот, го намалуваат коризотот бидејќи хроничниот стрес го крева шеќерот во крвта и ги оштетува клетките, па затоа сонот и релаксацијата се клучни за нивна поправка.
Професорот ја опишува својата работа како научно истражување, а не како клиничка пракса
За пликот на кој пишува „Доверливо“, што професорот го донел на гостувањето во поткасот, вели дека тоа е труд кој е под ембарго, но оти тоа ќе биде многу важно.
– Ќе биде водечка статија во Frontiers in Science бидејќи ова е стратегијата сега за ефикасно справување со ракот. И имаме многу докази за да ги одржиме овие луѓе живи многу подолго. Потребни ви се многу ефикасни митохондрии за согорување кетони за енергија. Нашите нормални клетки може да согоруваат кетони за енергија. Всушност, можеме да дишеме помалку кислород, повеќе енергија ако можеме ефикасно да согоруваме кетони во оваа органела. Знаев дека на ракот му е потребна гликоза и знаев дека ракот не може да согорува масни киселини или кетони бидејќи оваа органела е оштетена. Мерам гликоза и кетони. Гликозата излегува милиграм на децилитар, а кетоните излегуваат милимоларни. Значи, мораше да ја претвориме гликозата во милимоларна и да ја поделиме со кетонот во милимоларна, а потоа добиваме број кој е многу стабилен. Сфативме дека овој сооднос е изјава за тоа колку се, всушност, здрави вашите митохондрии. Значи, кога имате ваков низок сооднос, се враќате во зоната во која немавме хронични болести бидејќи немавме оштетување на органелата што би ги предизвикала тие болести. Сега, ова се броевите што ги добивате кога ќе го поделите шеќерот со вашите кетони. 12,5 – вие сте тука долу во зоната на превенција. Палеолитскиот човек живеел во жолто-зелените зони бидејќи немал пристап до сите работи што би го зголемиле шеќерот во крвта. Кога шеќерот во крвта ќе се искачи до самиот врв, вашите кетони се навистина ниски бидејќи инсулинот сега го зголемува. Многу е тешко да се добие рак или хронични заболувања кога сте во овие долни зони бидејќи ја одржувате оваа органела доста здрава – вели Сејфрид.
Потенцира дека не е толку опасно понекогаш да се дојде во црвената зона, но оти не треба да живееме во неа. Живеење во црвената зона, вели, е ако имате исхрана со многу јаглехидрати, многу шеќер, без вежбање.
– Тоа во основа е современиот човек. Она што го откриваме кај ракот е дека ако можете да влезете во зелената зона, каде што шеќерот во крвта ви е низок, а кетоните ви се покачени, ги уништувате овие туморски клетки. Одземате едно од нивните две примарни горива што го поттикнуваат растот на клетките. И како што кетоните се зголемуваат, другите клетки во телото стануваат супер здрави. Туморските клетки не може да ја искористат вредноста на кетонот бидејќи органелата потребна во туморската клетка за тоа е оштетена – структурно и функционално. Кетоните ќе ве направат здрави, нормалните клетки на вашето тело, но не може да се користат за да им помогнат на рак-клетките, па затоа тие стануваат маргинализирани. Земате „лут“ тумор и го правите многу помалку „лут“, многу помалку воспален. Им даваме надеж на безнадежните – рече професорот.
Сејфрид својата работа ја опишува како научно истражување, а не како клиничка пракса. Неговите ставови затоа треба да се разгледуваат во контекст на научната дебата и актуелните истражувања, а не како замена за медицински третман или совет од лекар.
Според податоците изнесени во поткастот, ракот секојдневно одзема илјадници животи во САД – секој час умираат 70-ина луѓе, односно приближно 1.700 дневно. Токму огромните размери на оваа болест биле повод за разговор со професорот Томас Сејфрид, кој повеќе од пет децении го истражува ракот.
Сејфрид е професор по биологија на Бостонскиот колеџ и автор на повеќе од 150 научни труда објавени во рецензирани списанија. Во својата работа особено внимание посветува на метаболистичкиот пристап кон ракот – гледиште според кое начинот на кој клетките создаваат и користат енергија може да има клучно значење за разбирањето на болеста.
Една од главните пораки од разговорот е дека напредокот во науката често почнува со поставување прашања што не се вклопуваат целосно во постојните објаснувања. Понекогаш токму таквите прашања ги поттикнуваат научниците со децении да бараат нови одговори.
август 25, 2026
