Connect with us

Општини

Радовишкото комунално претпријатие апелира да се штеди водата за пиење и да не се испушта да тече по улиците

Радовишкото комунално претпријатие „Плаваја“ уште еднаш апелира до граѓаните да се штеди водата за пиење и да не се троши за други потреби, освен основни потреби на домаќинствата.

Апелот доаѓа откако денеска во резервоарот „Коџа Баир“ се собрани само 10 сантиметри вода, а да истекува водата потребно  да се соберат најмалку 40 до 50 сантиметри вода, односно резервоарот да се наполни со 1.200 метри кубни вода.

-Оваа состојба е резултат на намалените количини на вода од водозафатите, но, пред се, на ненормалното трошење на водата од корисниците кои се водоснабдуваат од тој резервоар. Поради ваквата состојба, а со цел обезбедувње на доволна количина на вода во резервоарот приморани сме да започнеме со негово полнење, се наведува во апелот на „Плаваја“.

Се додава дека оваа количина на потрошувачка по глава на жител одговара на град со население како Куманово, а левата страна од Радовиш не е ниту една десетина од Куманово.  

-Апелираме да престанете со испуштање на водата по улиците и со секојдневно перење теписи и други ткаенини на улиците, поради таквите ваши постапки резервоарот се празни, бидејќи количината на произведена вода не може да ја задоволи таа потрошувачка. Ваквиот однос почнуваме да се сомневаме дека е организиран и со намера и затоа ќе го пријавиме на соодветни органи, бидејќи со него, вештачки се создава и подгрева дискриминаторска слика кон населението кое живее на левата страна од градот, стои во апелот на „Плаваја“.

Се подвлекува дека течењето на вода од чешмата во домот на граѓаните зависи само од нив и соседите, а ако се штеди нема периодично да се полни резервоарот за да се обезбеди континуитет во водоснабдувањето.