Connect with us

Општини

Сојузот на борци од Тетово со барање до Собранието да се направат измени на Законот за определување на имиња на улици

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово информира дека денеска 19 август 2026 година до координаторите на пратеничките групи на парламентарните политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ доставиле Барање за отпочнување на постапка за измени и дополнувања на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.  Барањето го поднесуваат со цел, како велат да се зајакне законската регулација при именување на улиците. 

-Барањето кое го доставивме е соодветно и комплементарно на измените направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации (Службен весник бр. 239/2022) од 08.11.2022 година, кога се направи законски филтер со цел спречување на регистрацијата на бугарските про-фашистички клубови низ државата. Во нашето делување увидовме потреба да се подобри законското уредување на оваа значајна и сензитивна материја. Со предложените измени и дополнувања бараме во законскиот текст да се внесе изрична забрана за именување на улица, плоштад, мост и друг инфраструктурен објект со име на личност или организација поврзани со фашизам, нацизам, тероризам и нивните појавни форми, и други имиња поврзани со нивното делување и постоење, се вели во соопштението на Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи Тетово. 

Исто така, бараат покрај претходната согласност од Владата која е колективно политичко тело до Советот на Општината, односно Советот на Градот Скопје, кој отпочнал постапка за определување на име, да се предвиди и задолжително и обврзувачко мислење во владината постапка и од страна на Комисијата за имиња формирана согласно Законот за здруженија и фондации, како стручно тело.

-Антифашизмот е основа на постоењето на македонската држава, а претставниците на граѓаните во највисокиот законодавен дом се обврзани да го штитат националниот интерес. Очекуваме позитивен приод од сите пратенички групи и итно отпочнување на законодавна постапка, се вели во соопштението на Сојузот на борци. 

Досега, неколку пати Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи од Тетово  преку соопштенија реагира на списоците со имиња кои ги објавува Работната група за именување и преименување на улиците во Тетово.  Работната група има утврдено над 200 називи за улици кои би се користеле во Тетово, а Сојузот реагира дека од нив се поврзани со фашистичката идеологија.