Connect with us

Општини

Реконструкција на тротоари во Неготино, проект одобрен по јавниот повик од Владата

Со цел за подобрување на постоечката инфраструктура во централното градско подрачје, веќе извесен период на терен се одвиваат градежни активности за реконструкција на тротоарите на улиците Маршал Тито и Партизанска.

Станува збор за тротоари за кои стручните служби утврдија дека се во незавидна состојба и делумно нефункционални, па токму затоа се пристапи кон нивна реконструкција и обнова.

Во моментов се одвива реконструкција на тротоарот на улица Маршал Тито на потегот од Либерта до градскиот плоштад, како и на улица Партизанска на потегот од градскиот плоштад до спојот со улицата 4-ти јули со вкупна должина од 653 метри на обата тротоари.

Целта на проектот е подобрување на постоечката инфраструктура на двете улици и преку изведување градежни зафати да се подобри квалитетното функционирање и да се создадат услови за непречено и олеснето движење на пешаците и лицата со посебни потреби, а истовремено да се подобри урбаниот лик на овој дел од Неготино.

Вредноста на проектот за реконструкција на тротоарите на Маршал Тито и Партизанска изнесува 7.378.159 денари со ДДВ.