Технологија
ЕУ го казни „Гугл“ поради кршење на дигиталните правила
Европската Унија му изрече казни во вредност од 890 милиони евра на американската технолошка компанија „Гугл“ (Google) за кршење на дигиталните правила на ЕУ.
Како што соопшти Европска комисија, казната е изречена за давање предност на сопствената услуга на „Гугл срч“ (Google Search) и за ограничување на изборот на потрошувачите на „Гугл плеј“ (Google Play).
– Откривме дека „Гугл“ им штети на бизнисите што нудат слични услуги, како што се купување или спорт, со тоа што не им дава исто ниво на истакнатост на „Гугл срч“. Исто така, откривме дека „Гугл“ им ограничил на развивачите на апликации да нудат поевтини понуди на клиентите во продавницата за апликации „Гугл плеј“, изјави потпретседателката на ЕК, Хена Виркунен.
ЕК наведе дека „Гугл“ е должна да направи промени за да се усогласи со законодавството на ЕУ, во спротивно се соочува со дополнителни казни.
Гугл“ има право на жалба пред судовите на ЕУ.
– Ова не е фер конкуренција; тоа е деградација на производот предизвикана од мала група себични подносители на жалби, при што европските бизниси и потрошувачи се погодени. Регулативата треба да ги подобри производите, а не да ги влоши, се наведува во соопштението на „Гугл“ по изречената казна.
Казната е изречена според Законот за дигитален пазар (ДМА) на ЕУ, што стапи во сила во 2022 година и има за цел да обезбеди фер конкуренција во дигиталната економија и да ги спречи технолошките гиганти да ја злоупотребуваат својата пазарна моќ.
ЕК отвори истрага за усогласеноста на „Гугл“ со правилата на ДМА во мај 2024 година.
Дигиталните правила на ЕУ ги влошуваат односите со САД. Американската администрација на претседателот Доналд Трамп ги критикува европските дигитални закони, особено кога комисијата на ЕУ презеде мерки против американските корпорации.
По казната од речиси три милијарди евра изречена за „Гугл“ во септември 2025 година за прекршување на правилата за конкуренција во рекламниот сектор, Трамп се закани дека ќе воведе царини.
– Двете одлуки што ги донесовме денеска ја потврдуваат нашата решеност да го примениме Законот за дигитални пазари за да го заштитиме бизнисот и иновациите. Денешните одлуки испраќаат јасна порака: нема да се двоумиме да ги користиме нашите алатки за да ги заштитиме можностите за бизнис и иновации што ги отвора ДМА, истакна Виркунен.
јули 25, 2026
