Вести
Националната стратегија за спречување на корупцијата доставена до Собранието, фокусот е на пет области
Правосудството, здравството, урбанизамот, животната средина и енергетиката и транспортот се петте сектори на кои е фокусирана петгодишната Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2016-2030 година што денеска претседателот на Антикорупциска Адем Чучуљ ја достави до претседателот на Собранието Африм Гаши. Националната стратегија опфаќа и две хоризонтални области – јавни набавки и надзор над спроведувањето на законите.
– Иако самата проценка опфати повеќе области, се фокусиравме на овие пет за кои сметаме дека во наредниот петгодишен период, доколку се имплементираат, ќе имаат значаен ефект врз развојот на општеството и намалувањето на корупцијата, изјави Чучуљ по средбата со претседателот на Собранието.
Фискалната проценка за нејзина имплементација, која е направена со експертска помош, би чинела 3,5 милиони евра, што според ДКСК, е мал износ што треба да го издвои државата во однос на она што ќе го добие доколку се имплементира.
– Иако до институциите кои се надлежни за имплементација, побаравме да направат проценка од нивна страна, во најголем број случаи не добивме таква проценка, и со експертска помош направивме проценка која чини околу 3,5 мииони евра што според нас е малку во однос на она што би се добило со имплементација на стратегијата, рече Чучуљ.
Стратегијата, како што рече, е изработена во инклузивен процес и со учество на голем број институции, експерти, медиуми, невладини организации.
– Очекуваме Собранието во најкус можен рој да ја разгледа и усвои и сите да се заложиме за нејзино имплементирање, порача Чучуљ.
Најави дека до Владата имаат доставено и законски измени со кои се предвидени дополнителни механизми за проверка и санкционирање на имотната состојба на функционерите.
Претседателот на Собранието се заложи дека согласно процедурите ќе биде процесуирана Националната стратегија.
– Јас веднаш ќе ја доставам до пратениците и се надевам дека во најбрз можен рок согласно деловникот ќе биде на пленарна седница и ќе биде усвоена. Се надеваме на имплементација која зависи од сите фактори во државата, изјави Гаши по средбата.
јуни 19, 2026


