Општини
Дебата за крводарителството и неговото значење за стабилен и одржлив здравствен систем
Панел-дискусијата „Крводарителството како стратешки сегмент на здравствениот систем“ беше одржана денска во Скопје, посветена на унапредувањето на крводарителството и неговото значење за стабилен и одржлив здравствен систем.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити во обраќање пред присутните зборуваше за важноста на крводарителството, за спасувањето животи.
Саити информираше дека во текот на 2025 година биле реализирани 811 крводарителски акции, 61.778 крвни единици биле собрани.
Рон Хазари, советник во кабинетот на министерот за здравство Азир Алиу, рече дека како Министерство за здравство, имаат целосен капацитет за креирање и спроведување силни и ефикасни здравствени политики.
– Но, она што го дефинира нашиот пристап е начинот на кој ги носиме тие политики. Нашето одлучување се темели на два основни принципи: одлуки базирани на докази и транспарентност. Прво, ние сме посветени на носење одлуки засновани на реални податоци. Од самиот почеток на мандатот на министерот, еден од нашите главни приоритети е користење на докази и релевантни информации при креирање политики – подвлече Хазари.
Тој рече дека ова им овозможува не само да бидат поефикасни, туку и да одговорат попрецизно на реалните потреби на граѓаните.
– Второ, транспарентноста е во срцето на нашето работење. Обезбедувањето на јасни, достапни и навремени информации до јавноста е од суштинско значење за градење доверба. Граѓаните имаат право да знаат како функционира системот, како се носат одлуките и како се користат ресурсите. Транспарентноста ја зајакнува отчетноста и создава поотпорен здравствен систем – нагласи Хазари.
Во согласност со овие приоритети, како што истакна, Министерството моментално спроведува значајни трансформации.
– Инвестираме во модернизација на е-здравствената инфраструктура, а истовремено развиваме нови капацитети за складирање и управување со податоци, вклучително и развој на дата-центри. Нашата цел е сите информации да бидат достапни во реално време – безбедно, ефикасно и сигурно – додаде Хазари.
Истовремено, како што посочи, гледаат и подалеку од самата инфраструктура.
– Со гордост најавуваме дека на 24 јуни, нашата држава официјално ќе го потпише договорот за приклучување кон програмата EU4Health. Ова претставува значаен чекор напред. Преку оваа програма ќе имаме пристап до нови можности, вклучително и учество во европски финансирани проекти, пристап до експертиза и размена на најдобри практики со европските партнери – подвлече Хазари.
Ова не е само напредок, истакна Хазари – ова е вистинска трансформација.
– Тоа ја отсликува нашата визија за модерен, транспарентен и податоци-базиран здравствен систем, кој им служи на граѓаните со интегритет и ефикасност – вели Хазари.
Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски рече дека чест му е што по повод Светскиот ден на крводарителството, учествува во дискусијата за крводарителството како стратешки сегмент на здравствениот систем. Тој им честиташе на 20. општински организации на Црвениот крст за постигнатиот и надминат план за 2025 година.
– „Колку инвестицијата во крводарителството претставува инвестиција во сигурноста на здравствениот систем?“ Одговорот е јасен и подразбирлив: крводарителството не е трошок – тоа е вложување. Стабилната обезбеденост со крв е темел на функционален здравствен систем. Без неа нема итни операции, нема безбедни породувања, нема одговор при несреќи и кризни состојби. Секоја доброволно дадена крв е директно вложување во подготвеноста и отпорноста на системот – истакна Клековски.
Како Фонд за здравствено осигурување, тој рече дека тие обезбедуваат финансиска покриеност на целиот процес – од прибирање и обработка, до доставување на крвта таму каде што е најпотребна.
– И како доказ на кажаното, Фондот секоја година организира крводарителска акција за своите вработени, на која и јас лично дарувам крв. Нашата заложба е јасна: крводарителството мора да биде систематски, континуирано и одржливо поддржано. Тоа бара координација помеѓу институциите, законски унапредувања и стабилно финансирање – рече Клековски.
Тој посочи дека мора да спомене уште еден аспект – управувањето со крвта и нејзиното соодветно вреднување.
– Долгорочната одржливост бара стратешки пристап што го третира крводарителството како национална вредност, заснована на хуманост, солидарност и општествена одговорност. Фондот останува посветен партнер на Црвениот крст во оваа мисија – истакна Клековски.
Елена Петковиќ, раководител на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, рече дека кога зборуваме за стабилни резерви на крв, всушност зборуваме за сигурност на здравствениот систем и можност секој пациент во секој момент да ја добие потребната терапија.
– Крвта е единствениот лек што не може да се произведе во лабораторија и единствениот извор е доброволниот крводарител. Токму затоа одржувањето стабилни резерви е комплексен процес кој бара континуирана координација помеѓу Институтот за трансфузиона медицина, Црвениот крст, здравствените установи, институциите и самите граѓани – подвлече Петковиќ.
Најголемиот предизвик било обезбедувањето континуитет во крводарителството.
– Потребите од крв постојат секој ден и не можат да се одложат. Во државата секојдневно се реализираат хируршки интервенции, се лекуваат пациенти со малигни и хематолошки заболувања, се згрижуваат пациенти со тешки повреди, како и родилки и пациенти кај кои е потребна итна трансфузиона поддршка. За разлика од овие потреби кои се постојани, одзивот на крводарителите често варира во текот на годината – појасни Петковиќ.
Вообичаено, како што нагласи, најголеми осцилации се забележуваат во летниот период, за време на годишните одмори, како и во периодите на празници и сезонски вирусни инфекции.
– Во тие периоди, дел од редовните крводарители се отсутни или привремено не можат да даруваат крв, додека потребите на болниците остануваат исти или во одредени случаи – дури и се зголемуваат – рече Петковиќ таа.
Таа рече дека втор значаен предизвик е обезбедувањето на доволни количини од сите крвни групи.
– Не сите крвни групи се еднакво застапени во популацијата. Одредени крвни групи се поретки и бараат посебно планирање и постојана комуникација со редовните дарители. Во случаи на масивни крварења, сложени хируршки интервенции или третман на пациенти со специфични потреби, достапноста на соодветна крвна група може да биде пресудна за исходот од лекувањето – додаде Петковиќ.
Трет предизвик, како што истакна, е ограничениот рок на употреба на крвните компоненти.
– На пример, тромбоцитите имаат многу краток рок на употреба, додека и останатите крвни компоненти имаат строго дефинирани временски ограничувања. Тоа значи дека резервите не можат да се создадат еднаш и да бидат доволни за долг временски период. Тие мора континуирано да се обновуваат и внимателно да се управуваат согласно потребите на здравствениот систем – додаде Петковиќ.
Таа рече и дека од особена важност е и обезбедувањето нови генерации крводарители.
– Во последните години гледаме позитивни трендови во вклучувањето на младите, но, потребно е дополнително вложување во едукација и подигнување на свеста – смета Петковиќ.
Нагласи дека сепак, нашата држава има силна традиција на доброволно, ненадоместено крводарителство, што претставува огромна вредност за нашето општество.
– Нашата заедничка цел останува иста – секој пациент, во секој момент и во секоја здравствена установа, да има навремен пристап до безбедна и квалитетна крв и крвни компоненти. Затоа одржувањето стабилни резерви не е само задача на здравствениот систем. Тоа е заедничка одговорност и најсилен пример за солидарност, хуманост и грижа за човечкиот живот – порача Петковиќ.
Игор Мерџаноски, директорот на ТОАРИЛУЦ, рече дека овие настани се многу важни, особено за здравствениот систем. Може да се научи каде има пропусти, каде може да се делува повеќе.
– Нашата клиника има големи потреби од крв за нашите пациенти на кои им даваме здравствена заштита. Крводарителството и Црвениот крст доста помагаат во полнење на резервите на крв – нагласи Мерџаноски.
На настанот беа доделени признанија на 20. општински организации на Црвениот крст за постигнат и надминат план од годишниот интегрален план 2025 година.
јуни 18, 2026

