Connect with us

Скопје

Карпошово културно лето: Уметност, музика и креативна енергија

Осмата вечер на Карпошовото културно лето, помина во знакот на културно-уметничките перформанси и изложби, и енергична поп-рок забава. Публиката на платото „Млечен“ уживаше во богатиот репертоар на аматерскиот женски хор „ФРИДА“, кој опфаќа преработки на светски хитови од 60-тите, 70-тите, и 80-тите години на минатиот век, како и македонски евергрини, филмска музика, но и обработки на традиционални македонски песни. Во хорот членуваат повеќе од 100 хористки, организирани во три секции (групи), а основач, музички раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева- вокален солист и музички педагог – се вели во соопштението од општина Карпош што го објавуваме интегрално.

Со почеток од 19:30 часот, на истата локација, се одржа групна ликовна изложба „Карпош меѓу боите и генерациите“, на учениците од Школата за цртање и сликање „Галика Премиум Арт“, која е со седиште во општина Карпош. На изложбата беа претставени околу 15 автори-деца, млади и возрасни , со по едно или две внимателно работени, одбрани, технички перфектни и сериозни ликовни дела, акрил на акрилена картонска подлога и дел цртежи, специјално работени за претстојниот настан „Карпошово културно лето 2026“. На изложбата беше претставено и едно авторско дело од академскиот ликовен уметник Елена Галика, основач и ментор на „Галика Премиум Арт“, со што симболично се прикажа поврзаноста помеѓу професионалното уметничко творештво и едукативниот процес.

Во училишниот двор на ООУ „ Петар Поп Арсов“, со проекција на филмот „Балканкан“, заврши седумдневниот филмски циклус македонски филмови кои се прикажуваа на „киното на отворено“. Вечерта заврши со одличен, енергичен и вибрантен настап на познатитот поп- рок кавер бенд „Day Off“, кои имаат преку триесетгодишно искуство на музичката сцена. Меѓу своите карпошани, присутен беше и се забавуваше во релаксирана и опуштена атмосфера и градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски.