Општини
Крива Паланка го чествува споменот на свети Јоаким Осоговски, патрон – заштитник на градот
Крива Паланка денеска е преполна гости, туристи и добронамерници кои од утринава го посетуваат манастирот посветен на Свети Јоаким Осоговски, светецот-заштитник на градот чијшто спомен се празнува на денешен ден.
Чествувањето на празникот на Свети Јоаким Осоговски, пустиножител и чудотворец од 11 век, започна синоќа, кога во молитвено присуство на митрополитот Кумановско-Осоговски г. Григориј, митрополитот на Тулчеа г.Висарион од Романската Православна Црква и митрополитот г.Јосиф, се одржа вечерна богослужба во манастирот, а служеа и митрополитот Доростолски г.Јаков од Бугарската Православна Црква, во сослужение со отец Никола Кодели од Албанската Православна Црква и бројно свештенство од Кумановско-осоговската епархија.
Чествувањето продолжи денесka, со утрената, света божествена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Кумановско – Осоговски, г.Григориј, на која со верниот народ присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пратеникот во собранието на Република Македонија, Љупчо Николовски и советници во Советот на општината.
-Свети Јоаким Осоговски не е само дел од нашето духовно наследство, тој е дел од идентитетот на Крива Паланка. Особена е глетката кога Осоговието е исполнето со народ, кога илјадници луѓе се обединуваат во верата, молитвата и почитта кон нашата најголема светост. Нека Свети Јоаким Осоговски биде закрила на нашиот град и нека донесе здравје, мир и благосостојба во секој дом, порача Митовски.
Овие два дена Крива Паланка живее празнично со бројни туристи и посетители кои пристигнуваат од сите краишта на Македонија и регионот, за да присуствуваат на манастирската слава, во храмовите посветени на Пресвета Богородица, чиешто успение се чествуваше вчера и прославата на споменот на преподобниот Јоаким Осоговски.
Празнувањата се проследени и со повеќедневна културна програма во организација на Општина Крива Паланка, која дополнително ги привлекува гостите и посетителите, како и бројните паланчани – повратници од дијаспората.
Кулминација на културната програма е вечерашниот голем концерт што ќе се одржи на Градскиот стадион, со настап на Слаткар, Ацо Пејовиќ и Лепа Брена, на кој се очекува многуилјадна публика, за што во градот е воведен посебен сообраќаен режим и обезбедени се повеќе бесплатни паркинг зони
август 30, 2026
