Вести
Одржана јавна расправа за предлог-законот за оружјето во Комисијата за одбрана и безбедност
Во Собранието денеска се одржа јавна расправа на Комисијата за одбрана и безбедност посветена на предлог-законот за оружјето, со што ќе се овозможи остварување на законски утврдените цели на Министерството за внатрешни работи и се уредуваат условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, посредување, трансфер, превоз, претовар и пренесување преку државна граница оружје, негови делови, главни делови и муниција.
Пратеникот Бране Петрушевски во воведното обраќање истакна дека предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област.
Помошник-министерот за внатрешни работи Јован Алтанџиев го образложи предлог-законот пред членовите на Комисијата и претставниците на засегнатите организации и ја истакна важноста од донесувањето на законот, придобивките што се очекуваат од неговата примена, како и потребата од усвојување современо и ефикасно законско решение. Притоа повика на широка и инклузивна дебата со цел да се дојде до најквалитетно законско решение, кое успешно ќе се имплементира во пракса, соопшти собраниската прес-служба.
По неговото обраќање, свои излагања имаа претставниците на присутните организации и институции, кои изнесоа мислења, предлози и забелешки насочени кон дополнително унапредување на текстот на предлог-законот.
Пратеникот Петрушевски им се заблагодари на сите учесници за нивниот придонес во расправата и за конструктивните предлози и забелешки и посочи дека од јавната расправа ќе бидат изготвени стенографски белешки, кои ќе послужат како основа во натамошниот процес на доработка и усовршување на конечниот текст на законот.
јуни 13, 2026


