Економија
Останува проекцијата за економски раст од над 3,5%, десетици заинтересирани компании за дата-центри, вели Мицкоски
Владата останува на проекцијата за економски раст од над 3,5 проценти, а според премиерот Христијан Мицкоски, податоците за првиот квартал од годинава се показател дека македонскиот БДП е еден од најдобрите во Европа.
– Ние остануваме на оние проекции што ги имавме, дека ќе биде над 3,5 проценти. Имајќи предвид дека во првиот квартал остваривме раст реален од 3,1 проценти, а со усогласени вредности 3,3 проценти, сезонски усогласени вредности 3,3 проценти, што во однос на бруто-домашниот производ претставува еден од најдобрите во Европа во овој момент. Колку и да сакаат поединци да ја извртуваат вистината или сатирично да го пренесуваат сето тоа, за нив имам лоша вест – Македонија забрзува, Македонија победува и Македонија како многупати во историјата ќе победи – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа какви се очекувањата за движењето на економијата во делот на БДП.
Ребалансот на буџетот, како што рече, ќе биде готов месецов.
Како што одговори Мицкоски на новинарско прашање, има десетици заинтересирани компании за дата-центри во државата, кои со законските измени за кои почна постапката во Собранието се изедначуваат со технолошко-индустриските развојни зони.
– Имаме неколку десетици заинтересирани компании, разговараме и преговараме, секако ќе бидат избрани локации што нема да имаат никакво влијание на животната средина – рече Мицкоски, кој присуствуваше на пуштање во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.
јуни 12, 2026

