Забава
Научниците ги повика граѓаните со фотографии да ги следат промените во Јадранското Море
Научниците од Центарот за морски истражувања при хрватскиот Институт „Руѓер Бошковиќ“ ги повикаа граѓаните да придонесат за научни истражувања и заштита на морето со фотографирање на морски видови и појавите. Кампањата наречена „Не уште една од морето. Една ЗА морето!“ – е лансирана како дел од настанот на тема „Наука и иновации за одржливо море“ во Ровињ.
Целта е граѓаните да фотографираат алги, медузи, школки, риби, морска трева, инвазивни видови, морски отпадоци или некој необичен феномен додека се покрај морето и да ги пријават своите набљудувања преку апликацијата „Crafting the Sea (Обликувајќи го морето)“, соопшти Институтот.
Пораката гласи: „Веќе имаме доволно фотографии од морето. Ова лето, да направиме една ЗА морето“, се вели во објавата.
– Пораката на кампањата е јасна: Не бараме најубава фотографија од морето, туку набљудување што може да ѝ помогне на науката – нагласи раководителката на Центарот за морски истражувања во Ровињ, Мирта Смодлака Танковиќ. – Апликацијата „Крафтинг“ покажува како граѓаните можат да се вклучат во следењето на морскиот живот, а самоуправувачките бродови и сензори покажуваат како науката развива сè попрецизни алатки за разбирање на промените во морето – додаде таа.
Во Ровињ беа презентирани проекти насочени кон следење на промените во Јадранското Море, инвазивните видови, паметното следење на морето и иновациите за одржлива сина економија.
јуни 12, 2026

