Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова од Софија: Процесот на проширување на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми

Процесот на проширување на Европската Унија мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес – истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на самитот на шефови на држави и влади во рамките на Процесот за соработка во ЈИЕ (ПСЈИЕ) во обраќањето на пленарната сесија на тема „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост“.

Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, како што јави известувачот на МИА, таа предупредила на потребата од дебалканизација преку европеизација.

Сиљановска-Давкова истакнала дека европската интеграција е природна, како и геополитичка и безбедносна неопходност, а стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес на сите држави во регионот, но и на Европа.

Претседателката во говорот укажала на потребата од оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес. Потсетувајќи на проблемите со кои се соочува Југоисточна Европа, таа оценила дека масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности бараат храбро и одговорно лидерство, водено од заедничките интереси и солидарноста, а не само од парцијалните.

На состанокот, кој е затворен за медиумите, претседателката Сиљановска-Давкова повикала на регионална одговорност како гарант за чекорење кон предвидлива и сигурна заедничка иднина истакнувајќи дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој наместо во блокади и поделби.

На маргините на состанокот претседателката ќе оствари билатерални средби со претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, и со в.д. претседателката на Република Косово, Албулена Хаџиу.

Денешниот самит во Софија го отвори бугарската претседателка Јотова, која зборуваше за важноста на ПСЈИЕ за соработката и добрососедските односи на 13-те земји, кои се дел од иницијативата, која денеска одбележува 30 години. Според неа, ПСЈИЕ има иднина, а тоа зависи од земјите што се дел од иницијативата. ПСЈИЕ, додала таа, мора да продолжи со изградба на регионален безбедносен систем и енергетска, транспортна и дигитална поврзаност.

Јотова во говорот потсетила дека Бугарија го ставила Западен Балкан во фокусот на своето прво претседателство со Советот на Европската Унија.

– Ставот на Бугарија отсекогаш бил дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од европското семејство, но со исполнети критериуми, постигнати резултати, одговорност и почитување на вредностите на ЕУ, од кои главна е заштитата на човековите права. Европската Унија не е само заеднички пазар, туку и споделени вредности – рече Јотова.

Самитот ќе заврши со прес-конференција на високи претставници на претходиот претседавач Албанија, сегашниот Бугарија, односно претседателката Јотова и идниот претседавач Романија.

Претпладнево министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски учествуваше и се обрати на министерскиот состанок во рамките на ПСЈИЕ.

ПСЈИЕ претставува највисок политички форум за регионална соработка во Југоисточна Европа и важна платформа за промовирање на добрососедските односи, политичкиот дијалог и европската интеграција на регионот. Иницијативата почна во 1996 година токму во Софија. Со текот на годините бројот на земји учеснички се прошири на 13 и сега дел од ПСЈИЕ се Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора.

Ad
Ad