Connect with us

Свет

Ирската влада по првпат ќе ја испитува можноста за обединување со Северна Ирска

Ирска ќе формира владина агенција која по првпат ќе се занимава со истражување и подготовка за можното идно обединување со Северна Ирска, која е под британска управа – изјави денеска ирскиот премиер Михол Мартин.

Тој за весникот „Ајриш тајмс“ изјави дека новата агенција ќе има задача да ги истражи моделите и предизвиците поврзани со различните можни решенија, вклучително и можноста Северна Ирска да остане дел од Обединетото Кралство или да го задржи својот децентрализиран статус, но како дел од обединета Ирска.

Тој дополнително ја образложи идејата што првпат ја спомена во говорот оваа недела, кога истакна дека е потребен нов пристап за внимателно да се одговори на потребата од „независна и непристрасна експертиза, врз чија основа ќе може да се води реална дебата за уставната иднина“.

– Она што ме загрижува во оваа кампања за референдум за обединување по Брегзит е тоа што таа е политизирана и што се прибегнува кон едностран пристап, изјави Мартин за „Ајриш тајмс“.

– Тоа е еден вид наметнување на идејата дека „ова ќе биде лесно и дека е неизбежно, дека дојде нашето време“. Како ова да би било победа на национализмот, наместо пристап што искрено настојува да ги сослуша сите гласови, добави ирскиот премиер.

Според условите на мировниот договор од Велики петок од 1998 година, британската влада е должна да распише референдум за обединување на Ирска доколку постојат основи да се верува дека мнозинството гласачи во Северна Ирска би го поддржале тоа.

Ad
Ad