Connect with us

Свет

Абас донесе уредба за одржување претседателски и парламентарни избори во 2027 година

Палестинскиот претседател Махмуд Абас, денеска донесе уредба за одржување истовремени претседателски и парламентарни избори на 11 септември 2027 година, со што ја поништи претходната одлука според која гласањето требаше да се одржи на 28 ноември 2026 година, јавија палестинските медиуми.

Одлуката претходно ја одобри Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), по консултациите со палестинските фракции и политички сили, кои се согласија дека е потребно да се одложат изборите поради пречките за нивно одржување и да се обезбедат услови за слободно, фер и сеопфатно гласање, пренесува Вафа.

Со уредбата се повикуваат Палестинците во Ерусалим, на окупираниот Западен Брег и во Појасот Газа истовремено да изберат претседател на самоуправата и членови на Палестинскиот законодавен совет. Централната изборна комисија е задолжена за подготовка, организација и надзор на изборите, во согласност со важечкиот закон.

ПЛО ги наведе како главни пречки продолжувањето на израелските воени операции, ширењето на еврејските населби, насилството на израелските доселеници и ограничувањата на движењето на окупираниот Западен Брег, вклучително и „окупираниот Источен Ерусалим“.

Извршниот комитет на ПЛО повтори дека изборите се национална и уставна обврска и право на палестинскиот народ демократски да ги избира своите претставници, да го обнови легитимитетот на институциите и да го зајакне политичкото единство. Истовремено ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за да се отстранат пречките за гласање во Ерусалим, на окупираниот Западен Брег и во Газа.

Ad
Ad