Свет
Зеленски: Посетата на Маѓар е важна за односите на Украина со Унгарија и со ЕУ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оцени дека првата посета на унгарскиот премиер Петер Маѓар на Украина е важна за унапредување на односите меѓу двете соседни земји, но и за односите на Киев со Европската Унија.
– Многу важна средба во поглед на односите со соседот, но и односите со Европската Унија – рече Зеленски обраќајќи им се на учесниците на седницата на Конгресот на локалните и регионалните власти.
Тој истакна дека Украина продолжува да ги презема сите неопходни чекори за да ги отвори преговарачките кластери во процесот на пристапување во ЕУ.
– Нашата политика останува непроменета. Често работиме повеќе од некои други земји кои веќе пристапија во ЕУ – рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека Киев настојува да ги унапреди односите со соседните држави и да ги направи поблиски и поконструктивни, наведувајќи дека тоа се однесува на Унгарија, Полска, Романија и Молдавија.
По заедничкото оддавање почит на загинатите украински војници во Ужгород, Зеленски му се заблагодари на Маѓар што својата прва посета на Украина на функцијата премиер ја почнал со оддавање почит на украинските бранители.
– Сакам да му се заблагодарам на унгарскиот премиер што својата посета ја почнува со искажување почит кон Украинците кои ја бранеа нашата држава. Мислам дека за сите детали ќе разговараме подоцна – рече Зеленски, по заедничкото положување цвеќе на спомен-обележјето на загинатите војници во Ужгород.
Маѓар денеска допатува во задкарпатската област во рамки на првата посета на Украина од стапувањето на функцијата премиер, за време на која е планирана и средба со претставници на унгарското малцинство.
ноември 25, 2026


