Connect with us

Вести

Затворен случајот за наводната шпионска афера: Не се утврдени елементи на кривично дело за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката, велат од ОЈО

По спроведена предистражна постапка во однос на наводите од поднесената кривична пријава со сомненија за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката на Македонија и неовластено прибирање податоци, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел Резолуција со која оценил дека нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување.

Како што информираат од Основното јавно обвинителство, во текот на постапката, со наредба од Основниот кривичен суд било обезбедена компјутерска опрема врз која се извршени информатичко-форензички анализи. Посочуваат дека биле анализирани и податоци од мобилни уреди и биле прибрани и известувања од лица запознаени со настанот.

-Според извештаите на Секторот за компјутерски криминал при МВР, не се утврдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во компјутерскиот систем, ниту се пронајдени докази за снимање и прибирање класифицирани податоци. При анализите се констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик, но не биле утврдени дигитални докази за извршување на пријавените кривични дела – се вели во соопштенето на ОЈО.

По оценка на сите прибрани докази, надлежниот јавен обвинител утврдил дека не се исполнети законските обележја на кривичните дела „Оддавање државна тајна“ од член 317 и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од член 251 од Кривичниот законик, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Ad
Ad