Вести
КТ-апаратите на Радиологија се сервисираат, пациентите привремено се снимаат во ГОБ „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“
Министерството за здравство во координација со Универзитетскиот институт за радиологија информира дека е во тек сервисирање на апаратите за компјутерска томографија, кои се во дефект и се прават напори за нивно што побрзо ставање во функција.
-Од почетокот на оваа недела е направена реорганизација за упатување на пациентите, со цел навремено добивање на потребната здравствена услуга. За обезбедување континуитет на здравствената заштита, непречено згрижување на итните пациенти и навремена КТ-дијагностика и до нивно повторно ставање во функција, пациентите се згрижени, односно снимањата се вршат во ГОБ „8 Септември“ и во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Здравјето и безбедноста на пациентите се наш приоритет, соопшти Министерството за здравство.
До повторното ставање во функција на апаратите, пациентите упатени за компјутерска томографија во ГОБ „8 Септември“, оддел за дијагностичка и интервентна радиологија, се снимаат од 8 до 14 часот и од 20 до 2 часот, а во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје – од 14 до 20 часот и од 2 до 8 часот.
-Организацијата е привремена и ќе се применува само додека апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија не се вратат во функција. Ги молиме пациентите и лекарите доследно да ја почитуваат наведената временска динамика. За секоја промена на состојбата, како и за повторно воспоставување на редовниот режим на работа, сите релевантни здравствени установи, служби и јавноста ќе бидат навремено информирани, наведува МЗ.
Министерство за здравство во соопштението додава и дека вложува максимални напори за што побрзо ставање во функција на оваа апаратура, „со целосна посветеност кон непрекинато обезбедување квалитетна здравствена заштита“.
-Дополнително се прават напори за обезбедување термини и во други соодветни јавни здравствени установи. Апелираме оваа тема да не се користи за дневнополитички цели, особено што овој сегмент во системот е веќе реорганизиран и пациентите ја добиваат потребната здравствена услуга, соопшти Министерството за здравство.
октомври 8, 2026

