Connect with us

Вести

Гаши: Дигиталното насилство ги обесхрабрува жените да влезат и да останат во политиката и на долг рок го загрозува плурализмот на нашата демократија

 Родовиот паритет во политичкиот живот не е прашање што се однесува само на жените. Тоа е прашање кое го одредува квалитетот, легитимноста и репрезентативноста на секоја демократска институција. Парламент во кој недостасува гласот на половина од населението е парламент кој не ги слуша во целост потребите и приоритетите на своите граѓани, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на денешната тркалезна маса „Унапредување на родовиот паритет и борба против дигиталното насилство врз жените во политиката во Северна Македонија“,.

Според Гаши, во текот на изминатите децении, Собранието постигнало забележителен напредок во однос на застапеноста на жените

– Ова е резултат на законски реформи, но и на постојаната работа на телата на Собранието посветени на родовата еднаквост, вклучувајќи ја Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички. Сепак, бројките сами по себе не се доволни. Свесни сме дека политичкото учество на жените денес се соочува со нов, сериозен предизвик, а тоа е дигиталното насилство и дезинформациите насочени кон жените во политиката. Овој феномен ги обесхрабрува жените да влезат во политиката, ги напаѓа оние кои веќе се дел од неа, и на долг рок го загрозува плурализмот на нашата демократија. Затоа е неопходно овој проблем да се третира со истата сериозност со која се третира секое друго прашање на институционална безбедност и владеење на правото, истакна Гаши.

Тркалезната маса во следните два дена ќе биде можност да се разговара за меѓународните и регионалните рамки за паритет, стереотипите и општествените норми кои го попречуваат политичкото учество на жените и за начините на кои институциите вклучително и самото Собрание, можат подобро да одговорат на сексизмот, вознемирувањето и насилството врз жените во политиката.

– Овој дијалог не треба да се сфати како критика упатена кон која било конкретна институција или политичка опција. Напротив, ова е покана за заедничка рефлексија и заедничка одговорност. Предизвиците за кои денес зборуваме ги надминуваат партиските граници, и токму затоа решенијата мора да се бараат заеднички, со отвореност, со факти и со почит кон различните гледишта. Собранието на Република Северна Македонија, како законодавен дом на сите граѓани, ја препознава својата двојна одговорност во овој процес. Од една страна, ние сме институцијата која донесува закони и ги надгледува политиките на извршната власт во областа на родовата еднаквост. Од друга страна, ние самите сме работно место и јавен простор во кој мора да важат највисоките стандарди на почит и достоинство, за пратеничките, за вработените во Собраниската служба и за секој граѓанин кој доаѓа во контакт со оваа институција, подвлече Гаши.

Нагласувајќи дека парламентите со поголемо и посуштинско учество на жените произведуваат позасновани, поинклузивни и поодржливи законски решенија, особено во областите на социјалната политика, образованието и здравството, Гаши порача дека не може да се игнорираат бариерите што се уште постојат.

– Стереотипите за улогата на жената во јавниот дискурс, недоволната застапеност на жените на највисоките раководни позиции, како и новите форми на дигитално насилство и дезинформации, продолжуваат да го отежнуваат патот на многу жени кои сакаат да влезат или да остaнат активни во политиката. Оваа тркалезна маса е замислена токму како простор каде овие предизвици ќе се именуваат отворено, без табу и без политизирање, со единствена цел, да најдеме заеднички, применливи решенија, рече Гаши.

Посочувајќи го напредокот на Собранието во оваа област, Гаши рече дека колку и да се добро формулирани законите и стратегиите, сепак потребна е постојана соработка меѓу законодавната и извршната власт, меѓународните организации и граѓанското општество, за политиките навистина да заживеат во пракса и да произведат реална промена во животот на жените кои сакаат да учествуваат во политичкиот и јавниот живот на нашата земја.