Свет
Кремљ не ја исклучува можноста за трилатерални преговори за Украина во октомври
Русија не ја исклучува можноста идниот месец да се одржат трилатерални преговори за Украина, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Да, не ја исклучуваме таквата можност. Зборуваме токму за догледна иднина. Значи, приближно октомври. Октомври не може да се исклучи“, рече тој, одговарајќи на прашањето дали преговорите би можеле да се одржат во октомври.
Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, од своја страна, истакна дека Москва не ги заострила своите барања во врска со решавањето на украинскиот конфликт.
„Би рекол дека барањата останаа исти, нема никакво заострување. Ние само би сакале тие барања порано или подоцна, а подобро порано, да бидат исполнети“, им рече Ушаков на новинарите и додаде дека договорите постигнати во Енкориџ претставуваат основа за мировниот процес.
Кремљ претходно, по посетата на американските преговарачи Стивен Виткоф и Џаред Кушнер, соопшти дека очекува продолжување на трилатералните преговори со Украина и Соединетите Американски Држави „веќе во догледна иднина“.
Обединетите Арапски Емирати, како што истакна руската страна, се приоритетно место за одржување на преговорите.
септември 15, 2026
