Connect with us

Култура

Изложбата „Бруталист“ на авторите Благојче Наумоски – Бане и Петар Новковски во Галерија 73 во Белград

Изложбата „Бруталист“, заеднички проектна македонските автори Благојче Наумоски – Бане и Петар Новковски – INCHRONAX, ќе биде отворена на 9 септември годинава, со почеток во 19:00 часот, во Галерија 73 во Белград.

Изложбата претставува средба на два различни авторски пристапи кон бруталистичката естетика, низ истражување на формата, материјалот, архитектурата и трагите што времето ги остава врз нив. „Бруталист“ не го третира брутализмот единствено како архитектонски правец, туку како визуелен и концептуален јазик преку кој авторите го истражуваат односот помеѓу просторот, структурата, материјалот и времето. Преку своите дела, Благојче Наумоски – Бане и Петар Новковски – INCHRONAX создаваат дијалог помеѓу два индивидуални ликовни изрази, обединувајќи ги околу заедничкиот интерес кон суровата, но истовремено силно изразна естетика на брутализмот.

Изложбата во Галерија 73 претставува можност публиката во Белград да се запознае со дел од актуелното творештво на македонските автори и со нивните современи интерпретации на бруталистичката визуелна култура.

-Проектот „Бруталист“ е современо визуелно истражување кое се наоѓа на пресекот меѓу геометриската апстракција, неопластицизмот и брутализмот и ја поставува проблематиката на современата геометриска апстракција како поле на спротивставени сили: меѓу конструктивното и експресивното, меѓу редукцијата и хаосот, меѓу материјалната тежина и менталната транспарентност. Проектот станува метафора за современото сфаќање на просторот и структурата, за човековата потреба да пронајде стабилност во систем кој непрекинато се менува. Тоа е визуелна концептуализација на односот меѓу архитектонската логика и апстрактната мисла, меѓу формата и нејзиното исчезнување, меѓу материјалното и духовното. Проектот претставува истражување на границите на кои геометриската апстракција, редот и хаосот, конструкцијата и распаѓањето стануваат делови од една иста структура – структура која ја одразува фрагментираноста на современиот свет, се наведува кон изложбата.

Во текот на изработката на оваа изложба, двајцата автори имаат радикално различни пристапи, но како што наведуваат, создале нов пресврт и естетика инспирирана од брутализмот. Додека едниот автор креира визуелен јазик поврзан со бруталистичкиот екстериер, архитектурата и нејзината надворешна метаморфоза, другиот го претвора брутализмот во човечка метафора, анализирајќи ја човековата природа и третирајќи ја како структура која треба да се надградува преку надреалистична и футуристичка леќа.