Connect with us

Култура

„Танец“ по 76 години повторно со натсапи во Велика Британија

Националната установа „Танец“ ќе одржи два ексклузивни концерти во Лондон и Оксфорд. По повеќе од седум децении, „Танец“ повторно ќе настапи во Велика Британија во Лондон на 16 септември и во Оксфорд на 18 септември, годинава. Британската и меѓународната публика ќе има можност да ја проследи оган-енергијата на НУ „Танец“. Уметниците од националната установа со врвна уметничка прецизност, раскошни автентични носии и богата музичко-сценска програма, ќе ги изведат канонските ора „Тешкото“, „Драчевка“ и низа традиционални вокално-инструментални бисери.

– Силниот ехо-ритам на македонскиот искон повторно ќе го растрепери срцето на Обединетото Кралство. По точно 76 години од 1950 година, кога Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ на Меѓународниот фестивал во Ланголен го воодушеви светот, ја освои првата награда и го запиша митското оро „Тешкото“ во светската уметничка историја — ансамблот се враќа со два ексклузивни концерта во Лондон и Оксфорд-наведуваат од установата.

Настапот во Ланголен во 1950 година беше првото историско претставување на „Танец“ надвор од границите на земјата. Тогаш, ритмичкиот и пркосен скок на „Тешкото“, поддржан од исконскиот ек на зурлата и тапанот, ги испрати британските критичари во восхит и растрепери милиони срца, докажувајќи дека македонскиот фолклорен код поседува универзална уметничка моќ.

-Искрите што беа запалени во Ланголен во 1950 година, кога македонското „Тешкото“ се запечати во срцето на Велика Британија, никогаш не згаснаа. Нашето враќање во Лондон и Оксфорд по точно 76 години не е само симболично затворање на еден голем културен круг, туку и горда потврда дека „Танец“ останува живиот чувар и светски амбасадор на македонскиот идентитет и традиција-додаваат од НУ.

Оваа турнеја претставува врв на македонската културна дипломатија за оваа сезона, продлабочувајќи ги врските меѓу двете држави и зацврстувајќи го местото на македонското фолклорно наследство во престижните европски и уметнички центри.