Connect with us

Култура

Квартетот „Стрингендо“ со свечен концерт во Истанбул по повод 35 години независна Македонија

Македонскиот културен центар во Истанбул, по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, на 8 септември 2026 година ќе приреди свечен концерт на квартетот „Стрингендо“, со којшто македонската музика и култура ќе бидат во фокусот на одбележувањето на празникот.

Концертната вечер е посветена на одбележувањето на Денот на независноста, но и на долгогодишното пријателство и културните врски меѓу Македонија и Турција. Концертот ќе се одржи во Културниот центар „Тарик Акан“ во Атаќој, во турската метропола, во 20 часот. Влезот за посетителите е слободен. Настанот свечено ќе го отворат Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Идрис Фазлиоски, и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски. 

Квартетот „Стрингендо“, составен од истакнатите македонски музичари Наташа Лазаревска на обоа, Олгица Шундиќ на виолина, Љупка Каевиќ на виолончело и Андреја Наунов на пијано, ќе претстави дел од богатството на македонската музичка традиција, надополнето со познати мелодии од турското музичко наследство.

На програмата ќе бидат изведени композиции прилагодени за инструментален состав: „Јовано, Јованке“, „Мајка на Марика“, „Донка“, „Македонско девојче“, „Бор садила мома Евгенија“, „Пајдушко оро“, „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, како и „Çanakkale“ и „Üsküdar’a Gider İken (Kâtibim)“.

Со овој концерт, Македонскиот културен центар во Истанбул уште еднаш ја потврдува својата определба преку културата и уметноста да создава простори за средба, дијалог и зближување меѓу македонската и турската публика, стои во соопштението.