Економија
Димитриеска-Кочоска: Очекувам уште повисок износ на инвестициите, успешно го менаџираме јавниот долг
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува уште повисок износ на инвестициите во третиот квартал откако во вториот квартал забележаа раст од 16,5 проценти.
– Растот на инвестиците е и резултат на нашата одлука да го поддржиме приватниот сектор со кредитите од Развојната банка преку комерцијалните банки, тоа дава резултати. Очекувањата се секогаш дека третиот квартал треба да биде уште подобар во однос на вториот квартал имајќи предвид дека е навистина поволен за инвестици – она што значи инфраструктура на отворено – рече Димитриеска Кочоска на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, на која се осврна на податоците за растот на БДП во вториот квартал годинава.
Во структурата на БДП, како што рече, особено силен импулс доаѓа од инвестициите. – Бруто-инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5 проценти, што укажува на засилена инвестициска активност во економијата – наведе министерката за финансии.
Прашана за коментар на прашањата и тврдењата на лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, „за што ќе се трошат 1,3 милијарда евра ново задолжување и зошто во ребаланост на буџетот ги нема тие 350 милиони евра што ги должи Јавното претпријатие за државни патишта, со кои, како што велат, јавниот долг би достигнал 65 проценти од БДП“, министерката рече дека „опозицијата ги измешала комплетно работите“ и оти од Министерството за финансии транспарентно ги објавува податоците.
– Долгот на јавното претпријатие е долг што влегува во стратегијата за управување со јавен долг и во фискалната стратегија, но не е дел од долгот на централната власт и секако дека не може да влезе во буџетот. Значи, долгот на јавно претпријатие не влегува во буџетот. Влегуваат само долговите на сите институции што се дел од централната влада. Како се пресметани математиките за да се стигне до 65 проценти – сега јас ве цитирам вас бидејќи вие спомнавте, не сум видела што кажуваат тие за јавниот долг – мене не ми е јасно, но она што можам да го кажам за изминатите три години е дека Министерството за финансии е транспарентно во објавувањето на податоците и нема што да се крие – рече министерката.
Таа посочи дека на седница на Влада сè уште не се разгледувани податоци за новата евробврзница што треба да се издаде во 2027 година и посочи дека институциите се организираат навремено за да обезбедат средства да ги вратат старите долгови.
– Долгот што опозицијата го остави за 2027 година е речиси една и пол милијарда евра. Тоа се долгови што тие ги имаат направено и ние треба да ги вратиме. Легитимно е дека мора навремено да се организираме за да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови. Морам да потенцирам уште една работа – ова е она што значи хартии од вредност, внатрешен и надворешен долг во однос на кредитите, меѓутоа имаме и државни записи кои се со рочност од 12 месеци, кои во 2027 година се речиси една милијарда и 100 милиони евра, и тие се исто така обврска. Па кога ќе ги додадете на овие речиси една и пол милијарда, јасно е колкава е обврската што треба да ја вратиме в година. Во фискалната стратегија имаме предвидено буџетски дефицит од 3,5 проценти, тој треба да се финансира. Сè тоа јасно покажува дека ние навремено треба да се организираме. Но, не можеме да го занемариме фактот дека да вратиме една и пол милијарда треба стари долгови. Така што, мислам дека невкусно е прашањето за што ни требаат 1 милијарда и 300 милиони евра кога луѓето – барем оние што се дел и од пратеничката група, а седеле во министерските фотелји во 2024 година, треба да знаат што оставиле – рече министерката за финансии.
Следната еврообврзница, посочи, достасува во март и ќе видиме во кој период ќе ја издадеме, но таа би требало да се искористи не само за претходно издадената, туку и за други долгови од претходната влада по основ на кредити од билатерални кредитори итн. – Не е долгот тие 1,5 милијарда евра што треба да се вратат во 2027 година, не се однесуваат само на еврообврзницата, туку и на други кредити што претходно ги имаат земено. На пример, во декември 2023 година од тогашниот министер за финансии бие потпишани 12 закони за задолжување поминати во Собранието – посочи Димитриеска-Кочоска.
Јавниот долг како процент од БДП, оцени таа, јасно кажува дали ние го зголемуваме долгот или се движиме во рамките на она што значи некоја психолошка граница.
– До овој момент во овие две години успешно го менаџираме тоа, но не можеме да го занемариме фактот дека тие за 7 години направија огромно зголемување на долгот за 10 проценти, од 47,5 на над 58. Во 2024 тие оставија празна каса на половина на годината и имавме потреба од дополнително задолжување и зголемување на буџетскиот дефицит во тој период затоа што не беа предвидени сите обврски – ние таа година ја завршивме со јавен долг над 60 проценти, а денес имаме под 59 проценти, што покажува дека успешно го менаџираме – рече Димитриеска-Кочоска.
септември 4, 2026
