Политика
Стефковски: Гази Баба е едно големо градилиште со 168 конкретни проекти за подобар живот на граѓаните
Денес, една година по почетокот на мојот втор мандат како градоначалник на општина Гази Баба, стојам пред вас за да дадам отчет за сработеното.
За ВМРО-ДПМНЕ, отчетноста и транспарентноста не се само политички принципи. Тие се обврска кон граѓаните. Обврска секој од нас, кој ја добил вашата доверба, да покаже што ветил, што реализирал и што останува да се направи.
Пред една година граѓаните ни ја дадоа својата доверба за да продолжиме да ја развиваме Општина Гази Баба. Денес, сакам да им се заблагодарам за таа доверба. Ви благодарам за поддршката, но уште повеќе – ви благодарам за трпението, за сугестиите и за критиките кои ни помагаат да бидеме подобри.
Во изминатата една година работевме одговорно, чесно и посветено.
И резултатите се видливи. Општина Гази Баба продолжува да се развива, а денес со право можеме да кажеме дека нашата општина е претворена во едно големо градилиште. Во првата година од мандатот реализиравме или започнавме со реализација на вкупно 168 проекти.
Тоа се 168 конкретни активности кои значат подобри услови за живот, подобра инфраструктура, подобро образование, подобра грижа за децата, но и мерки за младите и за семејствата.
Од изборната програма со која ја побарав и ја добив довербата од граѓаните, во само една година реализиравме скоро 30 проценти од истата. Тоа е сериозна динамика и јасна потврда дека она што го ветивме не остана само на хартија. Она што го ветивме – го реализираме.
Кога зборуваме за иднината на нашите деца, зборуваме за инвестиции во образованието и детската заштита. Ја пуштивме во употреба новата детска градинка „Кокиче“ во Трубарево, со што создадовме нови услови за згрижување на нашите најмали жители. Исто така и во Инџиково се изгради нова детска градинка Лавче. Започнавме и со изградба на третата најголемата детска градинка во Општина Гази Баба, која се гради на просторот помеѓу Маџари и Керамидница.
Завршивме уште еден проект од исклучително значење за граѓаните. По цели 40 години, Ченто доби реконструиран Дом на културата „11 Октомври“, објект изграден и опремен според најсовремени стандарди. ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто добива нова училишна зграда, а интензивно се работи на проширување и надградба на ООУ Крум Тошев во Трубарево и ООУ Његош во Колонија.
Се работи и на изградбата на новите училишни спортски сали во Железара и Црешево. Но, не застанавме тука. Продолживме и со сериозни инвестиции во патната инфраструктура. Ја завршивме реконструкцијата на улиците „Петре Филиповски – Гарката“ во Триангла, „Палмиро Тољати“ во Ченто, „Ордан Поп Јорданов“ и „Жан Жорес“ во Маџари, ул. 22 во Синглиќ, ул. 2 во Железара како и пристапниот пат кон гробиштата Камник.
Во соработка со Градот Скопје ја реконструиравме улицата Перо Наков во Маџари и натпатникот Естекада во Автокоманда. Интензивно се работи и на реконструкцијата на улицата 519 во населба Керамидница. Обезбедивме бесплатни училишни униформи за секој ученик, а секое прваче добива финансиска поддршка од 3.000 денари.
Го воведовме признанието „Наставник на годината“, затоа што сакаме да го вреднуваме трудот на оние кои секојдневно ги образуваат и воспитуваат нашите деца. Доделуваме стипендии за талентираните ученици и започнавме со реализација на проектот за климатизирани училници во училиштата низ општината.
Грижата за семејствата ја потврдуваме и со зголемувањето на надоместокот за новороденче – од 5.000 на 8.000 денари. За младите до 35 години воведовме нова мерка – ослободување од плаќање комуналии за изградба на сопствен дом. А за првпат воведовме и субвенции за млади за обука и полагање на возачки испит.
Ова се дел од мерките кои директно помагаат на младите да останат, да создаваат и да го градат својот живот токму тука, во Гази Баба. Продолжуваме и со решавање на проблемите кои со децении ги мачат граѓаните.
Интензивно работиме на изградбата на нова мрежа на фекална канализација во Идризово и Јурумлери. Заштитата на животната средина останува високо на листата на приоритети на Општина Гази Баба. Затоа продолжуваме со субвенциите за граѓаните за набавка на пелети, инвертер клима уреди, велосипеди, печки на пелети, чистење на оџаци, вградување на уреди на течен нафтен гас во возилата, како и за поставување сончеви колектори во домовите.
Сето ова покажува една работа: кога пристапот кон работата е чесен, одговорен и посветен резултатите се видливи. И токму затоа денес не зборуваме само за планови. Зборуваме за нови градинки, нови училишта, спортски сали, реконструирани улици, канализациони мрежи, поддршка за младите, семејствата, учениците и наставниците.
Но, денес не сме тука да кажеме дека работата е завршена.
Пред нас има уште многу работа. Следува реализација на голем број нови на проекти, нови инвестиции и нови мерки кои ќе значат подобар живот за сите граѓани на Општина Гази Баба.
Наша обврска е да продолжиме со истото темпо.
Да работиме одговорно.
Да работиме чесно.
Да работиме посветено.
И, пред сè, да бидеме отчетни пред граѓаните. Затоа што довербата што ја добив не ја сметам за привилегија. Ја сметам за обврска.
септември 3, 2026
