Скопје
Град Скопје наскоро ќе излезе со нов сет на мерки за сузбивање на врсничкото насилство, ангажирани се и експертски тимови
Министерството за образование и наука и Град Скопје наскоро ќе ги презентираат мерките, со кои ќе се намали и спречи врсничкото насилство меѓу децата и учениците, најава денеска скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој на промоцијата на новите возила за комунална хигиена одговараше на прашање за сузбивање на врсничкото насилство меѓу децата, учениците, каков што и беше последниот случај во Скопје, а во кој 13 годишно момче беше прободено со нож и се бори за живот.
-Спремаме уште еден поголем сет на мерки заедно во соработка со министерката за образование, Јаневска, со која имаме одлична соработка, но и силна, силна поддршка во тој дел, така да во наредниот период ќе излеземе со цел сет на мерки и ќе бидете сведоци на она што ќе го започнеме како процес, а ќе влијае. Убеден сум, на долг рок за што помалку случаи такви да имаме – изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека во процесот имаат вклучено и многу експерти и како што рече „за многу скоро од денес ќе излеземе со сериозна, јасна платформа како Град Скопје“. Посочи и дека експертските тимови ќе работат со учениците, но ќе работат и со родителите.
-Некогаш вината би рекол е кај дел од децата, но многу почесто е вината кај родителите, кои што за жал на таков начин дозволуваат да се однесуваат децата. Но, ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во тој процес. Знаете дека јас како градоначалник на Град Скопје една од оние работи кои што ја направив изминатиов период е да нема телефони присутни на наставата во средните училишта – изјави Ѓорѓиевски, по промоцијата на новите возила за собирање на комунален отпад.
септември 3, 2026
