Култура
Охрид инспирација за поезијата на британскиот автор Ендру Риџвеј
Во „Прличева одаја“ при НУ Библиотека „Григор Прличев“ утре во 11 часот ќе биде промовирано творештвото на британскиот поет Ендру Риџвеј од Лондон, автор на седум поетски книги, чии дела се инспирирани и од Охрид и Македонија.
Риџвеј, кој по професија е медицински работник и 26 години работел во здравствениот сектор, почнал да пишува пред околу 40 години, а со поезија посериозно се занимава од 2022 година.
Неговата прва поетска книга е посветена на личните искуства од работата во интензивна нега за време на пандемијата со Ковид-19 и животот во услови на карантин.
„Пишувањето на оваа книга ми помогна да излекувам некои од емотивните рани со кои се здобив тогаш“, вели авторот.
Останатите шест книги обработуваат теми поврзани со љубовта и меѓучовечките односи, радостите и предизвиците во врските, но и современиот свет и разочарувањата што ги носи.
Риџвеј е коавтор со сопругата Маја Трајковска на подкастот „Зад римите“ што има четири сезони, а заедно го водат и Јутјуб-каналот „2Randos“.
Во пресрет на промоцијата, околу 30 ученици од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид учествуваа на преведувачка работилница, на која под менторство на професорките по англиски јазик Ана Коваческа и Даниела Спироска преведуваа песни на Риџвеј од англиски на македонски јазик.
Песните ќе бидат прочитани на промоцијата и во оригинал и во превод.
септември 4, 2026
