Општини
Ангелов: Изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица, граѓаните да бидат особено внимателни поради висок ризик од пожари
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов изутринава информира дека целосно е изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица, кое ноќеска беше загрозено од пламените јазици. Ангелов повтопрно апелира до граѓаните да бидат внимателни бидејќи доволна е само искра, која, ако падне на сува трева, може да настане вистинска катастрофа.
– Утрово, селата Бонче, Подмоле и Лопатица се безбедни. Тешка ноќ имаа пожарникарите од Прилеп, доброволните пожарникари ангажирани преку ДЗС, сите ние што се наоѓаме во селото Лопатица, кое синоќа беше загрозено од пламените јазици. Пожарната линија, која беше видлива од регионалниот пат Прилеп – Битола, е целосно изгасната, активен е само уште еден крак високо над селото Бонче. Голема благодрност до прилепските пожарникари, кои ноќва со контра пожар, кој го правеа над една противпожарна пресека во непосредна близина на село Лопатица, претходно изработена со механизација, успеаја да го прекинат огнот и да не му дозволат да ја премине пресеката и на тој начин да го загрози селото Подмоле – рече Анеголов.
Тој исто така му се заблагодари и на тимот за брз одговор на ДЗС, составен од пожарникари од Битола и Кочани, кои се качиле високо на ридовите околу селата и ја гаснеле со километри долгата огнена линија.
Ангелов вели дека е загрижен оти зголемувањето на температурите околу пладне на одредени делови огнената линија може да биде реактивирана.
– Но, наша задача е да внимаваме на неа. Овде има пожарникари од Прилеп и исто така тука се и екипите на двата „пинцгауери“, кои ќе внимаваат и, доколку дојде до реактивирање, да ја изгаснат. Пожарот и од мариовската страна е изгаснат или ставен под целосна контрола. Оптимист сум дека денеска имаме можност да му го зададеме последниот удар, па и на мое изненадување целосно да го изгаснеме овој најголем пожар оваа сезона – рече Ангелов.
август 21, 2026
