Општини
Нема потреба од тензии и страв, се прават дополнителни анализи за исправноста на водата, вели директорот на демиркаписки „Комуналец“
Нема потреба од создавање тензии и дополнителен страв кај граѓаните, ниту темата треба да се користи за дневно-политички поенти, апелираше попладнево в.д. директорот на јавното комунално претпријатие „Бошава“ во Демир Капија, појаснувајќи дека при добивање на неисправен резултат „постојат повеќе можни фактори, вклучително и можност за контаминација при самото земање, транспортот или обработката на мострата, но, истовремено, не може да се исклучи ниту можноста проблемот да потекнува од самиот водоводен систем“ и дека токму затоа се прават дополнителни анализи и проверки.
Од јавното комунално претпријатие „Бошава“ вчера попладне информираа дека водата од водоводот во Демир Капија, се забранува за пиење и подготвување на храна, по што денеска, преку објава на Фејсбук – профилот на претпријатието, објавија појаснување до граѓаните во врска со исправноста на водата од градскиот водовод во Демир Капија.
– Како в.д. директор на ЈКП „Бошава“, чувствувам обврска лично да дадам појаснување во интерес на јавноста и за да нема недоразбирања и непотребни шпекулации во врска со анализите на водата. Анализата што е земена во понеделникот е проширена анализа, која се спроведува во Институтот за јавно здравје – Скопје. Овој тип анализа се прави периодично, согласно предвидените процедури, а за резултатите е потребно соодветно лабораториско време. Во зависност од видот и обемот на анализата, резултатите може да се добијат по најмалку 24 до 72 часа, а кај одредени проширени испитувања и подолго – пишува в.д. директорот Петар Јованов.
Јованов додава дека втората анализа е земена од истото мерно место од страна на Центарот за јавно здравје – Велес, кој редовно зема мостри од водоводниот систем, согласно планот и протоколите предвидени според бројот на жители.
– Сакам да нагласам дека при добивање на неисправен резултат, причината не може однапред да се утврди. Постојат повеќе можни фактори, вклучително и можност за контаминација при самото земање, транспортот или обработката на мострата, но, истовремено, не може да се исклучи ниту можноста проблемот да потекнува од самиот водоводен систем. Токму затоа се прават дополнителни анализи и проверки – дополнува тој.
Затоа, вели, нема потреба од создавање тензии и дополнителен страв кај граѓаните, ниту оваа тема треба да се користи за дневно-политички поенти. Тој подвлекува дека вакви ситуации не се нешто што се случува за првпат и најважно е да се постапува одговорно и согласно стручно – утврдените процедури.
– Мојата обврска како директор е да ја информирам јавноста навремено, веднаш штом ќе ги добијам официјалните резултати од надлежните институции и да постапувам согласно правилниците, протоколите и насоките на Агенцијата за храна и ветеринарство. Јас лично стојам зад принципот на целосна транспарентност, но, исто така, сметам дека кога станува збор за здравјето на граѓаните, информациите мора да се темелат на официјални резултати и факти, а не на претпоставки, шпекулации или политички толкувања – истакнува Јованов.
Од јавното комунално претпријатие „Бошава“ вчера попладне информираа дека водата од водоводот во Демир Капија, се забранува за пиење и подготвување на храна. Притоа споделија дека по добиените резултати од анализите на примероците земени во понеделникот и вторникот, од истото мерно место, добиени се различни резултати.
– Анализата на примерокот земен во понеделникот од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје, покажува дека водата не ги исполнува условите пропишани со правилникот за вода за пиење. Од друга страна, анализата на примерокот земен во вторникот од страна на Центарот за јавно здравје – Велес, покажува дека водата ги исполнува условите согласно правилникот за вода за пиење – напишаа вчера попладне од претпријатието, на нивниот Фејсбук – профил.
Оттаму споделија дека поради различните резултати, во понеделник ќе биде извршена супер анализа. Притоа подвлекоа дека забраната ќе важи до добивањето на конечните резултати од супер анализата.
август 16, 2026
