Connect with us

Вести

Николоски: Капиталните инвестиции го движат економскиот раст, во Македонија истовремено се градат шест автопати, железница и над 1.200 општински проекти

Во Македонија во моментов се реализира најголемиот инфраструктурен инвестициски циклус досега – истовремено се градат шест автопати, активни се повеќе од 1.200 проекти во општините финансирани од Владата, се работи на железничкиот Коридор 8, се подготвува Коридорот 10, а во тек се и инвестиции во аеродромите, истакна во гостувањето во “Вести Плус” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Во овие две години покажавме како може да се задвижи целиот сектор и како можат да се реализираат капитални инвестиции. Во моментов, само преку проектите што Владата ги финансира во општините има повеќе од 1.200 активни градилишта. Ако на тоа се додаде изградбата на шест автопати, кои истовремено се градат во државата, нешто што никогаш досега не се случило, како и интензивните работи на железничкиот Коридор 8, подготовките за Коридорот 10 и инвестициите во аеродромите, тогаш добиваме целосна слика за силен инвестициски циклус кој директно придонесува за економскиот раст”, рече  Николоски.

Според вицепремиерот, токму овие капитални инвестиции се главниот двигател на економскиот раст, што се потврдува и со двоцифрените стапки на раст во градежништвото во изминатите две години.

“Економските показатели јасно го потврдуваат тоа. Од изборот на оваа Влада до денес, во секој квартал бележиме двоцифрен раст на градежништвото – од 16 до 21 проценти. Тоа се исклучително високи стапки кои имаат значајно учество во бруто домашниот производ. Градежништвото, заедно со транспортот, денес се едни од главните двигатели на растот на македонската економија“, истакна Николоски.