Connect with us

Вести

Николоски: Од денеска „Аустриан Ерлајнс“ лета од Виена до Охрид, голем чекор за развој на Охридскиот аеродром

Воведувањето на авиолинијата Виена – Охрид има огромно значење за Охридскиот аеродром. Ќе придонесе за поголем број странски туристи и за економски равзој на Охрид и Охридскиот Регион, оценува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. 

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид утрово слета првиот авион на „Аустриа Ерлајнс“, со што и официјално започна да функционира новата редовна авиолинија Виена – Охрид. Линијата ќе се реализира двапати неделно, секој четврток и недела, со што Охрид и охридското крајбрежје добиваат директна поврзаност со уште една европска дестинација.

– Воведувањето на оваа линија има огромно значење за развој на охридскиот аеродром, бидејќи аеродромот во Виена е еден од најголемите европски хабови и еден од најважните воздушни центри во Централна и Источна Европа, со преку 200 конектинг летови во 66 држави низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка, што подразбира поврзување на Охрид со преку шеесетина земји низ светот. Дополнителено значење има фактот што оваа линија ја оперира „Аустријан Ерлајнс“, една од топ десетте најголеми авиокомпании во Европа, што ја потврдува сериозноста на  инвестицијата и квалитетот на услугите што се нудат кон патниците, наведува вицепремиерот Николоски во објава на Фејсбук.

Со ова, од Охридскиот аеродром се реализираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 се редовни и три чартер линии, што претставува значително проширување на мрежата на дестинации достапни за граѓаните и посетителите.

– Македонија денеска е препознаена на мапата на бројни тур-оператори и авиокомпании. Со активните мерки за поддршка го развиваме авиосообраќајот, го зголемуваме туристичкиот потенцијал на државата и обезбедуваме поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните. Како резултат на владините политики, директно се отворени 28 нови авиодестинации. Стратешка определба на Владата е целосно да ги искористи капацитетите на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, преку проширување на мрежата на дестинации, привлекување нови авиокомпании и обезбедување поквалитетни услуги за патниците, вели Николоски.

Потсетува дека во тек е целосна реконструкција на Охридскиот аеродром со цел унапредување на неговите капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за понатамошен раст на авиосообраќајот и бројот на патници.

– Целта е годинава преку двата македонски аеродроми да се опслужат повеќе од 3,5 милиони патници, а во наредните години таа бројка да надмине четири милиони патници. Со реализација на мерките за финансиска поддршка  за привлекување нови компании, на граѓаните им овозможуваме полесно и побрзо патување до европските метрополи, што директно придонесува за развојот на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот, посочува Николоски.

Ad
Ad