Скопје
ОУ „Димитар Беровски“ во Хром ќе добие осум нови училници и подобри услови за настава
Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, денеска присуствуваа на поставувањето камен-темелник за доградба на нови простории во подрачното основно училиште „Димитар Беровски“ во населбата Хром. Со овој проект, вреден приближно 31 милион денари, во училиштето ќе се изградат осум нови училници со што ќе се создадат услови за следење на наставата во една смена.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, истакна дека ова е трето училиште во општината каде што се отпочнуваат градежни активности за доградба во период од само еден месец.
– На оваа локација ќе се изградат осум училници со вкупна површина од околу 770 метри квадратни, што ќе значи конечно создавање услови за едносменска настава во подрачното училиште во Хром. Продолжуваме силно и посветено да работиме на ветувањето сите училишта во општина Ѓорче Петров да преминат во една смена. Според најавите од изведувачите, објектот карабински би се затворил за два месеци, а со оваа забрзана динамика очекувам во второто полугодие или на почетокот на наредната година во новите простории да ги пречекаме дечињата – изјави Стојковски, упатувајќи благодарност до Владата за финансирањето на проектот преку вториот повик за развој на инфраструктурни капитални проекти.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, упати честитки до раководството на општината за грижата кон образовната инфраструктура и најмладите, посочувајќи дека трите нови доградби во еден месец се доказ за таа посветеност. Одговарајќи на новинарско прашање за важноста на едносменската настава и досегашните резултати, Јаневска информираше дека проектот се одвива во одличен правец.
– Над 200 училишта во државата веќе се преминати во едносменска настава и се надевам дека до крајот на мандатот таа бројка ќе биде барем двојно поголема. Во одредени подрачја, како што се Ѓорче Петров или Аеродром, за среќа имаме повеќе деца и таму ќе бидат потребни дополнителни инвестиции – рече Јаневска.
Додаде дека во изминатиот период Владата успеала да надмине повеќе предизвици во образованието, почнувајќи од легислативата, промената на наставните планови, обезбедувањето учебници, обуките за наставниците и новиот е-дневник, чии ефекти допрва ќе се рефлектираат во иднина.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази задоволство од почетокот на овој проект кој е од суштинско значење за основното образование на најмладите.
– Би сакал да имаме што е можно повеќе вакви објекти, како резултат на зголемување на бројот на дечиња во земјата. Му честитам на градоначалникот, Советот и администрацијата, и упатувам благодарност до Министерството за образование и колегите од Владата што целиот овој период работиме да отпочнеме нешто ново, да исправиме грешки од минатото и да не создаваме нови проблеми. Ваквите проекти се додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, а пред сè на децата, бидејќи сето ова го работиме за нив и за тие што ќе го наследат – порача премиерот Мицкоски.
јуни 10, 2026


